Цивилната одбрана во Газа соопшти дека синоќа во израелски напад загинале 21 лице, меѓу кои најмалку пет деца, а тој напад се случил набргу откако ОН повикале на моментален прекин на огнот на опустошената палестинска територија.
Израелски воени авиони нападнаа две згради во близина на бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Појасот Газа и во градот Газа на север, изјавил портпаролот на цивилната одбрана Махмуд Басал.
Тој информирал дека 15 мртви лица, меѓу кои најмалку пет деца, како и повеќе од 17 ранети биле пронајдени по израелското бомбардирање на зградата во која се наоѓале раселените лица во близина на Нусејрат.
-Телата на уште шест лица убиени во нападот на стан во градот Газа се пренесени во болница, како и многу ранети, додал Басал.
Неколку часа претходно во Њујорк, Генералното собрание на ОН со големо мнозинство побара итен и безусловен прекин на огнот во Појасот Газа, во симболичен повик отфрлен од Израел и САД.
Во последните неколку недели, израелската армија оперира на северот на Појасот Газа, чија цел, според армијата, е да го спречи военото прегрупирање на палестинското исламистичко движење Хамас.
Во ноќта од вторникот кон средата, најмалку 22 лица, меѓу кои жени и деца, загинаа во вториот израелски напад на северот на Газа, соопшти цивилната одбрана на палестинската територија.
Војната во Газа беше предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кога на израелска страна беа убиени 1.208 луѓе, според билансот на агенцијата Франс прес заснован на официјални податоци.
На тој ден од израелска територија беа киднапирани 251 лице, а вкупно 96 од нив се уште се во Газа, од кои 34 беа прогласени за мртви од страна на армијата.
Во израелската офанзива што следеше, повеќе од 44.786 луѓе загинаа во појасот Газа, главно цивили, покажуваат податоците на Министерството за здравство на Хамас кои ОН ги сметаат за валидни.