Израелските власти испитуваат случаи на миокардитис по вакцинирањето со „Фајзер“

од Stefanija Kuzmanovska

Министерството за здравство на Израел објави дека истражува мал број случаи на воспаление на срцето кај луѓе кои биле вакцинирани со вакцината на Фајзер/БиоНТех против коронавирус, но сè уште не донеле заклучоци.

„Фајзер“ објави дека не забележала почеста појава на миокардитис кај вакцинирани лица во споредба со општата популација.

Израелскиот координатор за одговор на пандемијата Нахман Еш рече дека прелиминарната студија покажува „десетици случаи“ на миокардитис кај повеќе од пет милиони вакцинирани лица, главно по втората доза.

Еш рече дека не е јасно дали станува збор за невообичаено голема бројка и дали е поврзана со вакцината.

Повеќето случаи се забележани кај луѓе под 30-годишна возраст.

„Министерството за здравство во моментов испитува дали има поголема инциденца на болеста и дали може да се припише на вакцината“, рече Еш.

Еш рече дека случајот е сè уште под знак прашалник и истакна дека Министерството за здравство допрва треба да донесе некои заклучоци.

Би било тешко да се докаже поврзаноста затоа што миокардитисот, состојба која често поминува без компликации, може да биде предизвикана од низа други вируси, а сличен број случаи беа пријавени во претходните години.

Израел вакцинираше скоро 60 отсто од населението со вакцината на „Фајзер“.

„Фајзер“ на прашањето на „Ројтерс“ одговорил дека редовно контактирал со израелското Министерство за здравство во врска со податоците за вакцините.

Слични содржини