Како крајна баналност на последните случувања од изминатата недела, страшно ме фрапираше јавниот говор на возрасни, зрели жени – наводно МАДОНИТЕ на македонската конзервативна фракција. Многумина би го маргинализирале овој настан, би ги занемариле овие зборувања и окарактеризирале како последица на наивност и незнаењето. Токму, ваквиот однос кон попуштање, кон замижување на „неважните“ настани во државата, не само што ја дозволуваат, туку и охрабруваат оваа дехуманизација.

Ако пораката на политичкиот, партискиот гигант е испратена преку „спонтано собраните граѓанки“, сакам лично, многу лично да ги прашам, како изрод на Македонија – што е историја?
Ако историја е современост, тогаш треба да полудиш ако не си Изрод во Македонија. Ако историја на Македонија е Портата, спомениците, новоформираната (позлатена, барoкната, искривена) култура, тогаш, треба да се објасниме дека нас не ни чини „СОВРЕМЕНТО, МОДЕРНОТО“ – ете тоа не ни чини, оти ова модерно e барокно, а тоа барокно е нечија друга историја. Тоа што е историја во светот, кај нас е натурано како отров за глувци. Изроди, затруени, отуѓени, несреќни, тажни – тоа е низ Македонија. А, што да биде?
Вие, Дами (чувари на македонскта историја) земете крпи- не е проблем. Одете, зачистете по студентските домови (таму многу треба чистење), по државните здравствени институции, одете помогнете да се расчистат етно селата во Македонија, одете видете како живееат луѓето во внатрешноста, прашајте ги за нивните ИЗРОДИ деца – дали имаат работа, добро образование, здравствено осигурување, дали се заљубени, дали читаат книги и каде одат на одмор? Toа да прашате, а не камењата да ги жалите. Не ги жалете толку камењата, оти тие камења се купени со народни пари, со парите на вашите деца. Длабоко се надевам дека не мислите дека вашите деца, мислам на оние кои вие сте ги родиле, не знаат што е историја. Се надевам дека и тие се ИЗРОДИ како оние од Шарената револуција, дека не се „глувците кои ќе гризаат од отровот“.
Фотографија:Фокус.мк/ Томислав Георгиев
Дали, кога мислите на историја Вие крајно сте самоуверени дека тоа се изминатите десет години? Дали вашите пензии, оние кои се покриваат со кредити, се ваша гордост? Епа, кога ќе дојде време – тогаш камењата кои вие ги браните, нема да ги вратат задолжувањата туку „Изродите“ – „тие ќе го јадат стапот“. Вие, ако за момент слушнавте како тие ИЗРОДИ јавно говорат, ќе сфатите дека не само што знаат историја, тие ја креираат историјата, онаа што некогаш ќе биде гордост за наредните генерации кои се надевам ќе имаат можност да живееат во слободно општество. Ете зошто е добро да си ИЗРОД во Македонија.
(За да не се помешаат конците и да повториме, Крушевска република е историја?)
Вероника Камчевска
Препорака за филм:
https://www.youtube.com/watch?v=EC-AhAYLnOc