Извештај: МРТВ на долната граница од регионалниот просек за транспарентност и ВИ-подготвеност

Извештајот покажува дека МРТ располага со обемен Етички кодекс, кој претставува солидна основа за професионално новинарство. Сепак, документот не е ажуриран од 2017 година и не ги опфаќа современите предизвици поврзани со дигиталното новинарство, социјалните мрежи, алгоритмите...

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Принтскрин

Центар за медиумски иновации на Балканот го објави првиот регионален извештај за транспарентноста и подготвеноста за вештачка интелигенција (ВИ) на јавните радиодифузни сервиси во Западен Балкан. Истражувањето ги опфати јавните сервиси во седум земји, меѓу кои и Македонската радио-телевизија (МРТ), и дава јасна слика за тоа каде се наоѓаат јавните медиуми во однос на етичките стандарди, отчетноста и справувањето со новите технолошки предизвици.

Според наодите од извештајот, МРТ остварува вкупно 50 од можни 100 поени, со резултат од 30/50 за транспарентност и 20/50 за дигитална и ВИ-подготвеност. Овој резултат ја позиционира Македонија во групата јавни сервиси со умерено ниво на подготвеност, но и со јасно идентификувани области за унапредување. Извештајот покажува дека МРТ располага со обемен Етички кодекс, кој претставува солидна основа за професионално новинарство. Сепак, документот не е ажуриран од 2017 година и не ги опфаќа современите предизвици поврзани со дигиталното новинарство, социјалните мрежи, алгоритмите, синтетичките содржини и вештачката интелигенција. Дополнително, иако дел од документите формално се јавно достапни, нивната прегледност и лесна достапност за граѓаните е ограничена, што ја намалува практичната транспарентност.

Во делот на подготвеноста за вештачка интелигенција, извештајот констатира дека иако МРТ располага со формално усвоен Етички кодекс, тој не содржи јасно дефинирани интерни правила или политики за користење на ВИ алатки во редакциската работа, ниту пак насоки што би важеле за вработените новинари, уредници и надворешните соработници. Како резултат на тоа, не се систематски уредени ризиците поврзани со синтетички генерирани содржини, автоматизирана обработка на информации и различни форми на технолошка манипулација.

Ова прашање добива дополнителна тежина ако се има предвид дека ВИ веќе станува дел од секојдневната новинарска пракса, често на индивидуално ниво, надвор од рамките на Етичкиот кодекс, без формални насоки, јасна одговорност и институционален надзор.

„Овој извештај не е критика, туку алатка за унапредување. Јавниот сервис во Македонија има основа врз која може да се надгради, но без навремено ажурирање на етичките и транспарентните рамки, ризикот е да се заостанува зад технолошката реалност и очекувањата на јавноста“, се наведува во заклучоците на истражувањето. НаративАИ препорачува ажурирање на Етичкиот кодекс на МРТ, воспоставување јасна и видлива страница за транспарентност, подобрување на механизмите за јавни претставки, како и усвојување посебна политика за етичка употреба на вештачка интелигенција. Овие чекори се клучни за зајакнување на довербата на граѓаните и за позиционирање на јавниот сервис како лидер во одговорното користење на новите технологии.