Извештај на ЦГК: Секој трет договор за јавна набавка е склучен во постапка во која учествувала само една фирма

од Nikola Popovski
207 прегледи

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до декември 2022 година, во кои се вклучени и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки и анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Според него, секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Станува збор за 9.305 договори, во вкупна вредност од 26 милијарди денари (427 милиони евра).

Исто така се нагласува дека просечниот број понуди по тендер во 2022 година изнесува 3, што укажува на намалување на конкуренцијата во однос на 2021.

-90 % од мониторираните тендери се спроведени подоцна од рокот кој бил предвиден во плановите за јавни набавки. Поништени се 31 % од постапките за јавни набавки. Низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 31 милион евра, што е намалување за 30 % во однос на претходната година. Се намалува и бројот на жалби од фирмите кои во 2022 година до Државната комисија за жалби по јавните набавки поднеле 751 жалба, што е за 34 % помалку од претходната година, стои во извештајот.

Се додава дека за 63 % од фирмите, ’најниската цена‘ како критериум за избор е најчестиот проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки.

-93 % од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереални цени и се занемарува квалитетот. Речиси половина од компаниите сметаат дека има корупција во јавните набавки. 18% лично се соочиле со корупција на тендерите, а 64% од анкетираните компании сметаат дека врските се најчест облик на корупција, стои меѓу другото во Извештајот.

Извештајот е изработен во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Слични содржини