Извештај на ЕК: Македонија спроведе бранови на реформи, но нивото на утврдена независност на судството е многу ниско

од Nikola Popovski
50 прегледи

Според Европската комисија, политичката поларизација во македонското Собрание предизвика доцнење во носењето закони, што доведе до „прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на забрзани законодавни процедури“.

-Остануваат недостатоци во спроведувањето на процесите за инклузивно креирање политики врз основа на докази. Канцеларијата на Народниот правобранител нема доволно ресурси, а предизвиците за систематско следење на нејзините наоди и препораки остануваат. Граѓанските организации работат во севкупно адекватна средина, но остануваат предизвици за да се обезбеди одржлив ангажман во креирањето политики, се наведува во годишниот Извештај за владеење на правото во ЕУ за 2024 година, подготвен од ЕК, во кој годинава првпат се вклучени и државите опфатени со процесот на проширување – Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.

Во делот со судството, во извештајот се нотира дека Македонија спроведе неколку бранови на реформи во правосудството и усвои нова стратегија за правосудството со цел да се подобри независноста, ефикасноста и професионалноста на правосудниот систем, но сепак независноста на судството и институционалниот капацитет за негова заштита од несоодветно влијание претставуваат сериозна загриженост.

Од ЕК се децидни дека нивото на утврдена независност на судството е многу ниско.

-Загриженоста останува и во однос на функционирањето и независноста на Судскиот совет, иако се преземени чекори во овој поглед. Одлуките за именување јавни обвинители и судии беа критикувани од граѓанското општество дека не се сеопфатно мотивирани или засновани на објективни критериуми, се наведува во Извештајот.

ЕК се осврнува и на борбата против корупцијата.

-Големиот ризик од корупција останува распространет во многу области. Неодамнешните измени на Кривичниот законик ја ослабеа правната рамка, негативно влијаејќи на справувањето со корупцијата, особено во случаите на корупција на високо ниво. Ограничувањата на ресурсите и недостигот на соработка меѓу националните власти го попречуваат ефикасното справување со корупцијата и го попречуваат воспоставувањето на стабилна евиденција за случаи на корупција на високо ниво, смета Еврокомисијата, посочувајќи дека Државната комисија за спречување на корупцијата продолжи со напорите за исполнување на својот мандат и покрај ограничените ресурси.

Во овој петти годишен Извештај за владеење на правото, Комисијата денеска прави преглед на случувањата во владеењето на правото во земјите опфатени со него, како придонес за издржливоста на европските демократии, взаемната доверба во ЕУ, за добро функционирање на единствениот пазар и за деловно опкружување кое поттикнува конкурентност и одржлив раст.

Извештајот вклучува анализа на ситуацијата во ЕУ во целина и како и во секоја од 27-те земји членки, како и оценка за исполнувањето на минатогодишните препораки, врз основа на што се наведени нови препораки.

Во Извештајот се дадени оценки за состојбата со националните правосудни системи, антикорупциските рамки, слободата на медиумите и плурализмот, како и други институционални проверки.

Слични содржини