Минатата година најавив, сега веројатно тоа и ќе се потврди – Македонија ќе заостанува во напредокот во споредба со земјите кои имаат ветер во грбот и отворен пат во преговорите. Предничат секако Црна Гора која веќе ќе започне со подготовка на Нацрт-Пристапниот Договор или со една нога веќе е во ЕУ и Албанија која од октомври минатата година до крајот на оваа година ги отвора сите шест кластери, области и 33 поглавја, вели во анализа за „Локално“, државниот советник за европски политики и експерт во областа, Драган Тилев за годишните извештаи за напредокот на кандидатите за членки во европското семејство.
Секоја земја ќе добие оценка за спроведувањето на реформите. Попладнево, документот ќе биде презентиран и во македонското собрание. Тилев истакнува дека Албанија и Црна Гора дефинитивно веќе се оддалечуваат од нас и јазот помеѓу нас и нив ќе се продлабочува и наредната година, доколку не успееме да го отовориме Кластерот Фундаменти и да продолжиме со техничкиот дел од преговорите.
-Набрзо пред нас ќе бидат и Молдавија и Украина, доколку успеат да го отоворат истиот кластер. Молдавија напредува со големи чекори напред и исто така многу е веројатно дека ќе им се придружи на Црна Гора и Албанија во групата на фаворити за брзо членство.

Драган Тилев/Фото: Фејсбук
Ние имаме постигнато само толку колку што можеби во дадените околности беше и можно, а тоа не е многу, односно нема значителен напредок во изминатата година, освен во областите кои се поврзани со Реформската агенда, каде има извесен напредок. Тоа за нас како земја кандидат од 2005 и која ја отвори Меѓувладината конференција 2022 година не е доволно, мора да напредуваме многу повеќе и многу побрзо, потенцира соговорникот.
Според него, уставните измени, кои самите сме ги прифатиле во 2022 година, се најголемиот политички предизвик во моментов, кој веќе подолго време го „кочи“ напредокот. Тилев истакнува дека одлуката е политичка, а последиците се многустрани и многуслојни.
-Проблемот ни од далеку не е толку едноставен за „само промената на Уставот“ да го реши целосно и трајно. Штета што ретко кој во Брисел и во некои од земјите-членки не направи посериозен обид за наоѓање на прифатливо решение за сите страни. Се надевам дека после локалните избори се отвора нова можност која нема да ја пропуштиме. Секогаш одлуките зависеле пред се од нас, се разбира и другите имаат свои интереси кои тие сметаат дека се од голема важност и ги бранат. Во политиката нема само црно-бело, способноста е да се откријат нијансите кои може да ги препознаеме како заштита на нашите национални интереси, потенцира експертот.
Тилев апелира дека политичките елити, а особено администрацијата се помалку ќе има енергија да забраздува во тешките и скапи реформи доколку политичкиот терен не се „исчисти“ и не се обезбеди онаа енергија што ни е преостаната да се искористи продуктивно и да не се изгуби во неповрат.
-Доколку политичка одлука нема наскоро, скрининг извештаите за шесте кластери и 33 поглавја, и нивните наоди и препораки, како и Реформската агенда, се прозорецот кој треба да се искористи за продолжување на неопходните реформи, и секако и на политичко и на административно ниво, стриктно следење на препораките и нивна реализација, заклучува државниот советник.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/ eudebates.tv
ЕУ денес ќе ги објави своите годишни извештаи за напредокот на проширувањето – во суштина оценувајќи ја секоја кандидатка за членка за нејзината домашна задача за реформи. Според она што го дознава „Политико“, најдобра оценка ќе добие Црна Гора, „петка“ при што нејзиниот извештај ќе биде „исклучително позитивен“. Албанија добива „пет -“, Молдавија „пет+“, Украина солидна четворка, а Македонија „тројка“
Според „Политико“, Македонија е „заглавена“ и ќе добие „три“, бидејќи и покрај промената на името во 2019 година за да се реши спорот со Грција, земјата останува попречена од историската и јазичната расправија со Бугарија. Иако се очекува во новиот извештај да се забележи одреден економски напредок и посилно усогласување на надворешната политика со ЕУ, генерално бројчаникот не се помести многу од минатата година.
Според она што се дознава однапред, во извештајот за Македонија се наведува дека сè уште не ги усвоила неопходните уставни измени со кои во Уставот би се вклучиле заедниците што не се мнозинство, меѓу кои и Бугарите, иако тоа претставува преземена обврска на земјата.
-Се очекува извештајот да забележи одреден економски напредок и посилно усогласување со надворешната политика на ЕУ, но „генерално, не е пријавен значаен напредок во споредба со минатата година“, наведуваат извори од ЕК цитирани од „Политико“. Во документот се потсетува исто така дека сите билатерални договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, мора да се спроведуваат со искрена волја од сите страни.
„Засилување на темпото на реформите и уставни промени на кои се обврза Македонија“, беа посочени во ланскиот извештај за напредокот на земјава. Покрај уставните промени, во извештајот се нагласуваше потребата од спроведување со добра волја на билатералните договори со соседните земји, односно Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија. Комисијата со нетрпение очекува брзо и решително следење на скрининг-патоказите на земјата согласно со Преговарачката рамка, за да се отвори првиот кластер поглавја што е можно поскоро, кога ќе се исполнат релевантните услови, стои во извештајот за земјава.
Најмногу забелешки имаше за владеењето на правото и довербата во правосудниот систем. Од ЕК оценија тогаш дека не треба да се распушти Судскиот и Советот на обвинители, кои треба да останат независни тела, да се подобри спроведувањето на законите и ефикасното завршување на судските процеси со лица од висок профил. Исто така во извештајот се наведуваше дека Македонија нема напредок во борбата против корупцијата, за која се оценува дека е на пониско ниво од лани, одреден напредок се нотира за постапките околу организираниот криминал и слободата на изразување.
Извештајот на ЕК пред две години многу прецизно ги опиша слабостите на земјава на патот кон ЕУ. Тоа се корупцијата, судството, јавната администрација, и злоупотребата на европското знаменце, особено при измените на Кривичниот законик.
Н.П.