Извршен мониторинг на преку 250 православни културни добра во рамките на проектот „Мониторинг на православното културно наследство“

од Vladimir Zorba

Проектот „Мониторинг на православното културно наследство“ спроведуван од страна на ИКОМОС Македонија, во соработка со Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а со финансиска поддршка од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, влезе во второто тромесечје од својата имплементација.

Во текот на првите три месеци (мај, јуни и јули) откако започна проектот, извршен е мониторинг на состојбата на вкупно 253 православни сакрални објекти (цркви и манастири) во осумте епархии на МПЦ-ОА кои се наоѓаат на територијата на државава. Односно, во Скопската и во Повардарската епархија, извршен е увид на вкупно 48 православни добра, во Дебарско-Кичевската епрахија на 71, во Преспанско – Пелагониската епархија извршен е увид на 46 православни објекти, во Тетовско – Гостиварската и во Кумановско – Осоговската епархија на 50, а во Струмичката и во Брегалничката епархија извршен е увид на состојбата на 38 православни објекти.

Мониторингот на состојбата, спроведуван од страна на пет стручни тимови од ИКОМОС Македонија, се одвива континуирано и непречено во текот на летните месеци, благодарение и на срдечната соработка со надлежните лица од епархиите на МПЦ – ОА и со локалното население во посетените општини.

Во рамките на овој двогодишен проект, предвидено е да биде направин увид на состојбата на вкупно 700 православни сакрални објекти, кој ќе послужи за изработка на специјализирана база на податоци која ќе биде достапна за јавноста, и за давање препораки за превентивни и заштитни конзерваторски интервенции за невижното православно културно наследство.

Специјализираната база на податоци ќе биде достапна онлајн и ќе содржи информации во однос на опфатените православни објекти како: основни податоци за црквата/манастирот, опис, состојба, претходни интервенции на доброто, зачуваност на изворната состојба/автентичност и интегритет и препораки за заштитни интервенции, кои ќе му користат на секој познавач или љубител на православното културно наследство. Истата планирано е да биде ставена во употреба на есен.

Слични содржини