Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Друштво за изградба, управување и издавање на повеќе наменска сала БОРИС ТРАЈКОВСКИ ДООЕЛ Скопје, за 2023 година. Приоритетна дејност на друштвото е да склучува договори за издавање под закуп на деловниот простор со кој располага и да остварува приход од закупнина.
Со ревизијата е утврдено дека друштвото во 2023 година остварило приходи од закупнини во вкупен износ од 10.901 илјада денари, врз основа на 24 активни договори за издавање деловни објекти под закуп.
-Три од договорите, биле склучени во периодот од 2011 до 2013 година и се со важност од 10 до 15 години, согласно тогашната важечка законска регулатива, додека другите договори се склучени врз основа на постојниот Закон за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Северна Македонија, велат ревизорите.
Давањето под закуп на деловниот простор се врши со електронско јавно наддавање. Со извршените анализи констатирано е дека: – кај два договори, цената постигната на јавно наддавање била само незначително повисока од почетно утврдената; – кај пет договори цената останала непроменета во oднос на почетната и – кај 14 договори постигнатата цена е пониска од првично проценетата, со намалувања кои се движат од 6% до дури 50%.
Овие договори се склучуваат на период од четири години, а по нивниот истек се продолжуваат со анекси, под исти услови и без ревидирање на цените според актуелните пазарни услови.
Во ревизорскиот извештај е наведено дека друштвото остварува приходи и од продажба на добра и услуги во вкупен износ од 48.812 илјади денари и истите претставуваа 74% од вкупно остварените приходи од продажба во 2023 година. Овие приходи, во однос на 2022 година се намалени за 3%, додека во однос на 2021 година се зголемени за 33%.
Во 2024 година, остварените приходи од продажба на добра и услуги изнесуваат 55.182 илјади денари и се за 13% повисоки од приходите остварени во 2023 година.
Резултатите од анализата покажуваат дека приходите од користење на пливачки базен, лизгалиште, мала сала, куглана, конгресна сала и пинг понг центар во последните три години во континуитет бележат пораст кој продолжува и во 2024 година, додека Аква паркот има тренд на пад на остварените приходи, а во 2024 година не работи и не остварува приходи. Со ревизијата е опфатено и работењето на Аква паркот, при што утврдено е дека во 2023 година, вкупниот остварен приход изнесувал 4.290 илјади денари, што е за 41% помалку од планираниот износ.
Во 2024 година, Аква паркот е затворен поради економската неисплатливост, како и поради истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации, период во кој изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи.
-Во рамки на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во периодот од 30 ноември до 1 декември 2023 година, друштвото по препорака на Владата му овозможило на МНР логистичка поддршка и асистенција за адаптација и надворешно уредување на друштвото за потребите на настанот, кое било извршено од страна на МНР. По претходно спроведени постапки за доделување на договори за јавни набавки МНР склучило неколку договори со вкупна вредност од 124.234 илјади денари. Со ревизијата утврдено е дека не се доставени записници од МНР за потврдување на изведените работи и инсталирани добра и ствари кои останале во владение на друштвото. Исто така, не е постапено по одредбите од склучениот договор за соработка помеѓу двете институции, односно изведените работи и инсталирани (вградени) добра и ствари во друштвото, сѐ уште не се ставени во негово владение, стои во извештајот на ДЗР.