Јаболката во Европа полни со пестициди: „Треба да се лупат или да се купуваат органски“

Еколошки организации предупредуваат на присуство на токсични „коктели од пестициди“ во јаболките што се продаваат низ Европа, откако анализа покажала дека 85 проценти од примероците содржат остатоци од повеќе видови пестициди.

од desk4
15 прегледи

Организацијата ПАН Европа, која го спровела истражувањето, им советува на потрошувачите да купуваат органски одгледани јаболка или да ги лупат оние од конвенционално производство пред консумирање, објави Гардијан.

ПАН Европа, мрежа на невладини организации што се залагаат против употребата на пестициди, анализирала околу 60 јаболка купени во 13 европски земји, меѓу кои Франција, Шпанија, Италија и Полска. Резултатите покажале дека 85 проценти од примероците содржат остатоци од повеќе пестициди, а кај некои биле откриени траги од дури седум различни хемикалии.

Во 71 процент од случаите биле детектирани пестициди кои Европска унија ги класифицира како најопасни, т.н. „кандидати за замена“, за кои е планирано постепено укинување. Анализата покажала и дека 64 проценти од примероците содржат најмалку една пер- и полифлуороалкилна супстанција (ПФАС), познати како „вечни хемикалии“, кои се широко распространети во животната средина и во секојдневните производи.

Проблемот е „ефектот на коктел“

Иако во ЕУ остатоците од пестициди се дозволени под одредени максимални нивоа, од ПАН Европа предупредуваат на т.н. „коктел ефект“, при кој потрошувачите истовремено се изложени на повеќе пестициди во еден производ.

Мартин Дермин ја критикува Европска агенција за безбедност на храна затоа што ги проценува пестицидите поединечно, наместо да го анализира ризикот од повеќекратна изложеност. „Во овој извештај покажуваме дека 85 проценти од јаболките имаат повеќекратни остатоци, а не знаеме дали се безбедни за консумирање“, изјави тој.

Јаболките меѓу најинтензивно третираното овошје

Од организацијата укажуваат и на можна поврзаност со рак и неплодност. Посочуваат дека дури 93 проценти од тестираните јаболка не би смееле да се продаваат како преработена детска храна, бидејќи количините на остатоци од пестициди ги надминуваат многу построгите гранични вредности пропишани за деца под три години. Регулативите на ЕУ се построги за детската храна со цел заштита на раниот детски развој.

Јаболката се меѓу најпопуларните и најраспространетите овошја во Европската унија, а во производството предничат Полска, Италија и Франција. Истовремено, тие се и меѓу овошјата што се најинтензивно третираат со пестициди, главно за сузбивање на краставоста, најзначајната габична болест што ги загрозува овоштарниците. Од просечните 35 третмани годишно, повеќе од половината се насочени токму кон оваа болест.