Поранешен новинар од јавниот сервис ги кодошел колегите во периодот од 1993 и 1996, преку изнесување на нивните политички ставови-вака одлучи Комисијата за верификација на фактите. Новинарката Јадранка Костова е меѓу четирите лустрирани на денешното продолжение на седницата на Комисијата-информира Канал 77
Претседателот Томе Аџиев вели дека соработката на новинарот со службеното лице на Државна безбедност било во време кога тој бил службено лице, а потоа продолжила и кога станал директор.
„Се обиделе да стапат во контакт со одредено лице, кое било секретар на Иван Михајлов во Рим, па под изговор дека ќе се прави интервју со секретарката, заедно со директорот на Државна безбедност отишле во Рим, да го внесе во обработката на тоа лице“, изјави претседателот Аџиев.
Лустрацијата за Костова беше очекувана и најавена. Новинарката реагираше со отврено писмо.
„Она што го сметав тогаш за неуспешен обид за полициска местенка, еве, денес, успешно го користат за мое оцрнување. Настанот за којшто знаеше цела информативна програма, нашата транспарентна битка да не ни се подметнуваат етикети, сега добила демек конспиративност, како некакво мое кодошење! Патем, дотичниот организатор немал никакви последици од сето тоа, не бил жртва на целава драмолетка. Напротив, сега јас треба да станам жртва по вкусот на џелатите на преродбата”, напиша Костова.
На средбата со претставниците на иницијативата Новинарски пленум, Томе Аџиев, претседателот на комисијата за лустрација, не сакал да ги слушне аргументите за специфичностите на новинарската професија и ја убедувал делегацијата дека лустрирањето на Јадранка Костова, уредничката на „Фокус“ е според законот, рече новинарката Оливера Трајковска.
– Се’ е според законот е одговорот на Аџиев, одлуката е донесена со надгласување. Потврдата дека никогаш не постоел никаков телефонски повик или списоци и дека ние не сме исклучок во работата на комисијата за лустрација – не знам дали да предизвикува наше смеење или нова загриженост дека списокот е некаде пред вратата и еден по еден ќе се отвораат досиејата, така како што некој предвидел во некакво тефтерче за лустрирање на новинарите, рече Трајковска.
Според неа на списоците се наоѓаат имиња на новинарите кон кои треба да се испрати завршниот удар.
