Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави мислење во однос на Предлогот за укинување на мерка притвор со предлог гаранција, поднесен од осомничен за сторено кривично дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Се работи за укинување на притворот на Асмир Јахоски кој е осомничен за перење пари во истрагата за набавките на мазут за ЕСМ и ТЕЦ Неготино.
-Во мислењето, јавниот обвинител истакна дека предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, може да биде основан само ако осомничениот, во исто време, на посебна сметка на судот, дополнително да депонира и износ од 72 000 000 денари. Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага обвинителството, износот од 72 000 000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист за овој осомничен од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување од него, велат од Обвинителството.
Од обвинителството бараат судот да му определи мерки на претпазливост на Јахоски.
Тој кауцијата што ја понудил во возила и станови, ја доставил до скопскиот Кривичен суд, а од таму била препратена до Обвинителството за мислење.
Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, заедно со сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, за кои веќе беше одредена мерка притвор. Перење пари и злоупотреба на службена должност ги поврзува сите осомничени, меѓу кои сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, за кои обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале горива со сомнителен квалитет штетни за животната средина.
Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, двајца осомничени во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра. Кривична пријава е поднесена против 13 луѓе и една компанија од Скопје.
Асмир е син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски.