Јахоски се вратил од прославата во Турција и се пријавил во Кривичниот суд

од Nikola Popovski
108 прегледи

Асмир Јахоски, сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, претпладнево се пријавил во Кривичниот суд Скопје, со што ја исполнил обврската за редовно пријавување во судот во рамки на истрагата за злоупотреби со мазутот за ТЕЦ Неготино.

Јахоски, како што соопшти денеска владејачката ВМРО-ДПМНЕ, бил на патување надвор од државата. Во соопштението се наведува дека Јахоски, кој го оштети Буџетот на државата за 167 милиони евра и за кого се води постапка, во моментов ужива на Босфор, откако добил домашен притвор за кривично дело перење пари и други приноси за набавката на мазут со сомнителен квалитет и потекло.

Како што појаснија од скопскиот Кривичен суд во текот на месец мај,  од страна на одбраната на осомничениот, било доставено барање за враќање на патната исправа, односно издавање нова, кое барање било одбиено од Кривичниот суд, по што по добиена жалба, предметот бил доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје.

Од скопска Апелација велат дека тие не издаваат патни исправи, бидејќи тоа е обврска на други надлежни институции. Портпаролот на Апелациониот суд Скопје, Љубиша Станковиќ вели дека одлуките во случајот се донесени во рамки на постапка по жалба на осомничениот.

Јавноста реагираше на неговото заминување во Турција, кое според објаснувањето на неговиот татко под фотографијата поводот бил дипломирање на член од семејството.

Апелациониот суд Скопје на 22 април соопшти дека му го укинале притворот на Јаховски со прифаќање гаранција во износ од 986.540 евра и со хипотека на недвижен имот во корист на Македонија. Апелација тогаш додаде дека на осомничениот му определиле мерки на претпазливост, односно обврска да се јавува повремено на определено службено лице во Кривичниот суд и привремено одземање на постојната патна исправа, како и забрана за издавање на нова патна исправа. Од Апелација тогаш соопштија и дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Вишото јавно обвинителство Скопје се согласиле да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција.