Јајцата скапи како за Велигден, а месото по цени како за Нова година

Поради високите цени граѓаните почнаа да штедат на храна за да може да ги задоволат другите потреби и да ги платат сметките, изјави за „Локално“, Љупчо Радевски од Сојузот на синдикати на Македонија.

од Vladimir Zorba
151 прегледи Фото: Принтскрин

Поскепеа јацата, месото, сирењето…. Инфлацијата повторни ги празни паричниците на граѓаните. И покрај тоа што Владата најавуваше дека годинава ќе ја завршиме со инфлација под 3 отсто, сепак неодамна ја смени одлуката и сега прогнозата е дека ќе имаме инфлација од 3,9 отсто. Граѓаните велат дека не треба државните институции да им кажуваат дека инфлацијата расте кога тие тоа го чувствуваат при секое пазарење. Во маркетите цените се менуваат преку ноќ и граѓаните не веруваат на секојдневните изјави од власта дека економијата се подобрува.

Тоа го покажува и синдикалната минимална кошница за октомври која е за неколку стотина денари поскапа од минатиот месец. Пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека минимумот за едно четиричлено семејство да го преживее месецот е 65.544 денари или околу 1065 евра. За 467 денари скокнала сумата во споредба со септември.

Најзначаен пораст е забележан кај трошоците за храна и пијалоци. За 378 денари скокнале цените за дел од производите кои влегуваат во кошницата.

-Доколку четиричленото семејство има примања од две просечни плати ќе им останат само помалку од 600 денари. Но со оглед на тоа дека околу 70 отсто од граѓаните земаат плати од минимална до просечна тоа значи дека имаат пониски примања и постојано се во минус на нивните сметки. Поради високите цени граѓаните почнаа да штедат на храна за да може да ги задоволат другите потреби и да ги платат сметките, изјави за „Локално“, Љупчо Радевски од Сојузот на синдикати на Македонија.

Во маркетите може да забележиме дека цените на речиси сите производи се зголемени за минимум 10 отсто.

-Поголемо зголемување има кај цените на јајцата, месото, сирењето… Во поевтините маркети пакување од десет парчиња јајца чини 100 денари, додека во поскапите продавници над 100 денари. Поскапе и месото, а најмногу телешкото кое се продава по цени недостижни за најголемиот дел од граѓаните. Одамна ова месо не е дел од секојдневната исхрана и е луксуз за граѓаните, бидејќи цените се движат од 700 до над 1.000 денари, вели Радевски.

Љупчо Радевски; Фото: Јутјуб/ЗМАИ

Тој додава дека, изборите поминаа и сега власта треба да се пзанимава со стандардот на граѓаните. Треба да се зголемат платите, бидејќи сите соседни земји веќе имаат минимална плата над 500 евра.

Од Синдикатот велат дека податокот од меѓународната статистика дека околу 50 отсто македонското население живее во сиромаштија е уште еден доказ дека платите мора да растат.

Инаку Народната банка ги објави есенските проекции според кои се очекува инфлацијата оваа година да изнесува 3,9 отсто. И проекциите на Владата за инфлацијата во 2025 година се меѓу 3,5 и 4 отсто.

Премиерот Христијан Мицкоски, рече дека било очекувано овој октомври инфлацијата да биде поголема во споредба со истиот месец лани.

– Очекуваме инфлацијата овој месец да биде нешто поголема бидејќи таа беше многу ниска минатиот октомври, поради мерките што тогаш ги презедовме. Значи базата е ниска, но во рамките на 4 односно 4,5 отсто. Годишната за 2025 година очекувам да биде меѓу 3,5 и 4 отсто, а следната година да биде меѓу 2 и 3 отсто. На тој начин планираме да ги поставиме нашите проекции – рече Мицкоски.

И економските експерти сметаат дека инфлацијата ќе продолжи да расте, пред се попради геополитичките превирања и поради повисоките цени на некои суровини на берзите.

Б.С.