Јакимовски бара од Ристовски да не се занимава со салата „Партизан“ туку да отвори место за разладување на карпошани

од Nikola Popovski
16 прегледи

Продолжува битката помеѓу централната и локалната власт на Карпош за спортската сала „Партизан“. Откако Владата одлучи да ја преземе салата во нејзино владение, градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски и денеска порача дека ќе ги искористат сите правни можности за одлуката да се поништи. Тој побара од министерот за спорт, Борко Ристовски да ја каже вистината, бидејќи, како што вели, Карпош го разобличи.

„Министерот за спорт, со своите несреќни изјави пренесени преку партиски медиуми, уште еднаш не потсети како функционира матрицата на заробена држава – нешто што неговата партија многу добро знае да го практикува. Во изминативе денови, веќе нема кој не се увери дека салата „Наум Наумовски – Борче“ беше примопредадена на Општина Карпош со бројни недостатоци. И покрај тоа, низ бројни примери и настани се виде дека таму континуирано се одржуваат домашни и меѓународни спортски настани. Само министерот за спорт, водејќи се од онаа позната „сто пати повторена лага станува вистина“, упорно ја лаже јавноста, без око да му трепне“, порача Јакимовски и го праша Ристовски:

„Министре, како поранешен спортист, овие прашања би требало да ви се прелесни Како може во „затворена сала“ да се одржи меѓународен турнир со учество на педесетина држави од целиот свет? Како може организаторите на тој турнир да ми доделат Благодарница за поддршката од општината, ако салата е „затворена?“.

Градоначалникот го советува Ристовски, „ако навистина сте толку способен колку што се прикажувате во јавноста, наместо да се занимавате со веќе отворената сала Партизан, засукајте ги ракавите и отворете го она што е навистина затворено – Аква паркот, базенот Карпош, базенот до салата „Наум Наумовски – Борче“…

„На +40°C, скопјани, а особено карпошани, немаат ниту едно место каде да се разладат“, констатира градоначалникот.

Од Министерството за спорт веќе соопштија дека наместо спортската сала во која се вложени државни пари за нејзина реконструкција да биде ставена во функција на спортистите и на граѓаните, жителите на Карпош добиваат изговори, навреди и обиди за манипулација со јавноста.

-Владата и Министерството за спорт остануваат посветени на транспарентност и одговорност во работата во интерес на граѓаните и на спортот, а не на политички игри и лични агенди, рекоа од ресорот предводен од министерот Ристовски.

Слични содржини