Јакимовски бара СОНК да го прекине штрајкот и да го продолжи после 10-ти јуни

од Nikola Popovski
232 прегледи

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски преку видео обраќање изрази поддршка за штрајкот на просветните работници и понуди предлог за минимизирање на штетите врз учениците, а исто така најави дека поради високите сметки за електрична енергија преземени се мерки за штедење.

Во врска со штрајкот на СОНК за покачување на платите на просветните работници, Јакимовски даде целосна поддршка на штрајкувачите за исполнување на нивните цели. Во однос на информациите за закани и притисок врз нив од страна на министерот за образование, градоначалникот го осуди таквиот начин на реагирање. Со цел да се минимизираат штетите врз учениците, Јакимовски предлага штрајкот да се стави во мирување до 10 јуни, а потоа да продолжи ако до тогаш не се постигне договор.

– Сакам јасно да кажам дека никој не смее да им се заканува на штрајкувачите, или пак да се обидува да ги присилува, односно да врши притисок за прекин на штрајкот. Тие имаат право на штрајк и јас ги поддржувам во нивните барања да се зголемат нивните плати. Ако е точно дека министерот се заканувал дека ќе одговараат за тоа што штрајкуваат мислам дека тоа не е соодветна реакција на министер за образование и јас тоа го осудувам. Од друга страна сметам дека нашите ученици во изминатите три години имаат доволно пропусти во делот на образованието, а тоа е со ковид кризата, со онлајн наставата и сега три недели е прекината наставата. Тоа што јас сакам да го дадам како предлог е да го замолам СОНК во моментов да го прекине штрајкот и да го продолжи после 10 јуни. Значи наставата да се заврши, учениците да не ја губат наставата, да немаат дупка во образованието, а после 10 јуни нека продолжат да преговараат и ако не постигнат договор да не ги даваат свидетелствата. На таков начин ќе го блокираат уписот во средно и во високо образование. Тоа е начин на кој можат да вршат притисок врз владата, но нема да се одразува ова на наставата и на образованието на нашите најмлади граѓани. Ова е со најдобра намера и сакам уште еднаш да нагласам дека давам целосна поддршка за наставниците и професорите за да им се зголемат платите, рече Јакимовски.

Слични содржини