ВМРО-ДПМНЕ да престане да замајува со своите тралала соопштенија и да се посвети на својот проект „Алумина“. Овој проект ВМРО-ДПМНЕ го договараше, продаваше, ставаше три пати 105-метарски згради и нејзиниот потпреседател Владо Мисаиловски-Кендо ги одобруваше, вели за „Локално“ градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, демантирајќи ги денешните ставови на ВМРО-ДПМНЕ дека „Владата ќе ги земе интегеренциите од Карпош за да го спроведе ДУП-от за Алумина“.
Јакимовски истакнува дека најголемата опозициска партија треба да ѝ објасни на јавноста како „Алумина“ кога се тие на власт е „проект“, а кога се опозиција станува „бизнис“.
-Моето искуство вели дека Мицкоски и неговото aрамиско гнездо и за проектот „Ист Гејт“ се инаетеше вака, додека не доби понуда што не се одбива. Потоа ај што излиза кај што плукаше, туку мораа и неговите советници од Гази Баба да го направат истото. За разлика од нив јас ниту се инаетам, ниту се пазарам. Овој проект секогаш го поддржувам без разлика дали министер е Јанакиевски, Мисајловски или Бочварски, ни рече првиот човек на општина Карпош.
Од ВМРО-ДПМНЕ утрово изнесоа информации дека „во план е Владата да ги одземе ингеренциите на општина Карпош, со цел да се заобиколи локалниот совет и да се спроведе ДУП-от“.
-Со тоа Јакимовски ќе биде единствениот градоначалник кој барал одземање на ингеренции, само да му помине бетонизацијата, порачуваат од партијата на Христијан Мицкоски.
Деталниот урбанистички план за кај Алумина три пати досега беше прифаќан од ВМРО-ДПМНЕ, уште од 2008 година. Ова што се случува сега е чиста политика, тврди Јакимовски. Уверува дека се запазени сите параметри за градење и дека ќе има голема зелена површина.
Според него, лага се тврдењата дека ќе има повеќе 35-катници, туку, вели тој, идејата е да се заземе небото и да се оди во висина, за да не се завземе зеленилото.
-Покрај 2.500 резидентни паркинзи, ќе има уште 1.000. Целото паркирање на таа територија ќе биде решено, уверува Јакимовски.
Исто така, тој потенцираше дека 50% од парцелите ќе биде зеленило, за што реагираа од иницијативата Борба за Влае, од каде посочија дека во табелата од ДУП-от гледаат 50 и 70% надземна изграденост, а подземната изграденост не е воопшто ограничена.
Граѓанските иницијативи,граѓаните и независните советници во Општина Карпош се против овој проект, како и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која најави дека ќе го блокира донесувањето на ДУП-от.
Земјиштето кај Алумина го купи компанијата Пуцко Петрол на Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ во 2020 за 18 милиони евра, односно 24 милиони евра со сите давачки. Фирмата сега си нарача урбанистички план за просторот на кој сака да гради станбено-деловен комплекс.
Н.П.