Градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски ги повика граѓаните од неговата општина да го изразат својот револт на мирен начин поради најавите на Владата за преземање на ингеренциите над спортската сала „Наум Наумовски-Борче“, порано позната како „Партизан“.
-Ги повикувам граѓаните – вечерва ќе се собереме овде во 19 часот и 30 минути да го искажеме својот револт од оваа небулозна одлука на Владата. Без никаква комуникација со локалната самоуправа, донесоа одлука која е спротивна на интересите на граѓаните на општина Карпош. Овде да дојдеме вечер и да го искажеме својот револт, кажа Јакимовски во изјава за медиумите.
Како што рече градоначалникот, Министерството за спорт без конкретна причина ја одзема спортската сала која беше дадена во трајно владение на општина Карпош.
Салата „Партизан“ беше отворена во март откако цела година после реконструкцијата стоеше затворена оти не беше опремена. Општина Карпош бараше опремувањето и приклучувањето на парно да ги направи Владата, односно Министерството за спорт бидејќи тие ја реновираа, но оттаму сметаа дека таа обврска е на Општината. По отворањето, од Општина Карпош обвинија за лоша изведба бидејќи на некои места салата прокиснувала.