Претседателот на ГРОМ и градоначалник на општина Карпош, Стевче Јакимовски смета дека поранешниот премиер Никола Груевски има поголем рејтинг од неговиот наследник во ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според Јакимовски, Мицкоски е исплашен од Груевски, па истакнува дека оттаму следува интервјуто за германски ФАЦ.
-Не е проблемот дали Владата комуницирала со него, клучно прашање за ВМРО ДПМНЕ и опозицијата е зошто ти не комуницираш со Груевски? Да беше паметен до сега од него ќе слушнеше некој умен совет и ќе дојдеше на власт, а не 7 години да седиме во опозиција. Наместо јавно да кукаш над судбината запали колата отиди до Будимпешта, пресрами се и побарај совет зошто се наоѓаш во ситуација во која незнаеш да најдеш излез и што би рекле Кумановци: „Пречаш као пиле у кучина“, порачува Јакимовски.
Лидерот на ГРОМ исто така бара од Груевски да му одговори на членството на ВМРО-ДПМНЕ колку пати бил во Будимпешта и колку пати се сретнал „со тој што те стави на престолот да седиш на чело на четирите свети букви“.
Тој додаде дека Груевски треба на следните избори да му покаже на Мицкоски кој е кој во македонската политика.