Јакимовски: Јас сум гарант за решавање на проблемите во Карпош, ВМРО-ДПМНЕ е гарант за создавање проблеми – тоа е нивната мисија

Секогаш кога има отворена дебата со советниците од ВМРО-ДПМНЕ, ги прашувам: ‘Што правиме ние поинаку од вашите градоначалници во другите скопски општини?’ И секогаш им велам: ‘Кажете, која е таа ставка што ние ја имаме, а другите ја немаат?’ Но – одговор нема изјави за „Локално“ актуелниот градоначалник на Карпош

од Љубиша Владимиров
429 прегледи

„Затоа ќе кажам – јас, Стевчо Јакимовски, сум гарант за решавање на проблемите во Карпош, ВМРО-ДПМНЕ е гарант за создавање проблеми – тоа е нивната мисија“, изјави за „Локално“ градоначалникот на Карпош и претседател на политичката партија ГРОМ, Стевчо Јакимовски. Градоначалникот нагласи дека сè уште е рано да се донесе одлука за негова евентуална кандидатура на претстојните локални избори. Како што вели, конечната одлука ќе се донесе по месец јуни.

„За таква одлука е рано да се зборува. Одлуката ќе се донесе по месец јуни. Прво ќе го измериме рејтингот, а потоа ќе одлучиме дали ќе се кандидирам за градоначалник“, изјави Јакимовски.

Јакимовски упати критика до советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека речиси целиот негов мандат не понудиле ниту еден рационален проект или решение. Според него, советниците не само што не предлагаат идеи, туку и активно го кочат работењето на општината.

„ВМРО-ДПМНЕ во Карпош се изгубени во времето и просторот. Во изминатите три и пол години немаат предложено ниту еден проект. Нека посочат барем еден. Кој е нивниот придонес за зголемување на приходите во општината? Кој е нивниот придонес за расчистување на долговите? Зошто две години по ред не го гласаа буџетот на Општина Карпош, ниту пак програмите за работа? Не даваат поддршка, а притоа немаат ниту една забелешка. Работат спротивно на интересите на општината. Нема ништо позитивно во нивното дејствување. Нека покажат што е тоа добро што го направиле за Карпош. Ако мислат дека општината не функционира добро, очигледно ја мешаат со други општини како Аеродром и Ѓорче Петров. Ако имаат забелешки за урбанистичката експанзија, нека ги упатат до нивните градоначалници. Дали сте виделе што се случува во другите скопски општини?“, прашува Јакимовски.

Јакимовски смета дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е да создава проблеми во општината, додека тој е, како што рече, решението. Според него, функционери од партијата неформално ветуваат на бизнисмени дека ќе носат детални урбанистички планови доколку дојдат на власт во Карпош.

„ВМРО-ДПМНЕ како партија не постои во Центар. Затоа ќе кажам – јас, Стевчо Јакимовски, сум гарант за решавање на проблемите во Карпош. ВМРО-ДПМНЕ е гарант за создавање проблеми – тоа е нивната мисија. Функционери од таа партија на бизнисмените им ветуваат дека, кога ќе дојдат на власт во Карпош, ќе носат детални урбанистички планови. Тоа е нивниот ‘гарант’“, смета Јакимовски.

Градоначалникот посочи дека стабилноста и напредокот на општината се должат на соработката со советниците од СДСМ и Левица, кои, како што нагласи, покажуваат висок степен на политичка зрелост и конструктивност. За разлика од нив, Јакимовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја преземе власта, блокирајќи ги програмите за работа.

„Морам да бидам искрен – СДСМ во Карпош е крајно коректна. Општината напредува токму благодарение на СДСМ во овој мандат. Советниците се конструктивни и разбрани, работат во интерес на граѓаните. Не можам да кажам ништо негативно за нив. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, кои се заинтересирани само да ја преземат власта и постојано ги блокираат програмите за работа. Морам да нагласам дека благодарение на советниците од СДСМ и Левица, успеавме да ги донесеме програмите и буџетот на општината. Секогаш кога има отворена дебата со советниците од ВМРО-ДПМНЕ, ги прашувам: ‘Што правиме ние поинаку од вашите градоначалници во другите скопски општини?’ И секогаш им велам: ‘Кажете, која е таа ставка што ние ја имаме, а другите ја немаат?’ Но – одговор нема“, завршува Јакимовски.

Д.Ѓ

 

Слични содржини