Вратите ги затворивте, прозорците ги затворивте, ама јас ќе влезам преку оџак, вака порача денеска градоначалник и кандидат за нов мандат во Карпош, Стевче Јакимовски. Тој информира дека Државната изборна комисија му одобрила 3.500 евра за кампањата до вториот круг, а на неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, остатокот до 56.000 евра.
-И мислат дека така ќе ме сопрат? Џабе ви е брашното, џабе ви се заканите, џабе ви се министрите што ги шетате низ Карпош, џабе ви е негативната кампања. Моите проекти зборуваат сами за себе. Мојот број останува ист 070 225 055. Карпош не се купува со пари туку се освојува со работа, чесност и љубов кон народот, порача Јакимовски преку видео на социјалните мрежи.
Во неделата по изборите, Јакимовски порача:
„Влегуваме во втор круг, гласовите на опозицијата се дупли во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам во вториот круг поддршка од сите опозициски сили. Карпошани се на пат да си го одберат своето достоинство“. Притоа обвини за изборен поткуп во Злокуќани.
Јакимовски им се заблагодари за фер кампањата на противкандидати, Маја Мојсова од СДСМ, Антонио Димитров од Левица и на Невена Ѓорѓиева од независната листа.
Јакимовски освои 8.761 гласови, додека Лукровски 10.284.