Градоначалникот на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски најави дека ќе трча за уште мандат на локалните избори и повторно ќе ја бара поддршката на карпошани. Вели дека неговиот телефонски број е отворен за сите граѓани и оттаму по комуникацијата со нив, констатирал дека карпошани повторно ќе сакаат да го гласаат.
На денешниот брифинг со новинарите, Јакимовски соопшти дека ќе инсистира на законски решенија со кои точно ќе се знае каде е одговорноста за хигиената во една општина. Исто така, Јакимовски наведе дека со закон не може да се гради на зеленило утврдено со ГУП и ДУП.
-Проектот „Карпош на вода“ зависи од тоа што кажува Генералниот план. Се прави нов План дали таква работа ќе дозволи, но тоа не може да помине без согласност на локалната самоуправа затоа што ние ни случајно нема да дозволиме во Карпош да го имаме она што го има „Белград на вода“. Има и таму убави работи, но густината на објектите таму – тоа не е дозволиво и нема да го дозволиме, додаде градоначалникот.
Лидерот на ГРОМ појасни дека ќе се поддржуваат со ЛДП на изборите. Најавуваат заеднички кандидат за градоначалник на Скопје и во други општини. Разговорите најверојатно денеска ќе бидат завршени и ќе биде официјално потпишен договорот за коалициска соработка.