Лидерот на ГРОМ и актуелен градоначалник на општина Карпош, Стевче Јакимовски повторно се осврна на бојкотот на маркетите и поддршката од страна на Владата.
-Владата воопшто не зборува за нивните миленичиња. Трн во око им се маркетите. Седум големи маркети прават вкупен промет од 900 милиони евра, и сите заедно имаат добивка од 32 милиони евра. Тоа е некаде околу 3,5% добивка, профит од целокупниот промет, посочува Јакимовски во својата објава.
Тој меѓу другото го коментира и прометот на дел од најголемите македонски банки. Упати неколку прашања до премиерот Христијан Мицкоски.
-Ве молам зафатете се да решавате вистински проблеми и удрете по причините, а не по последиците. Цените во маркетите се последица, а не причина за растот на цените, стои меѓу другото во објавата на Јакимовски на социјалните мрежи.
Пред неколку од партијата на Јакимовски го прашаа премиерот „зошто не повика да се бојкотираат казината и обложувалниците“?
-Зошто не преземе нешто за неговите другари, за дистрибутерите на електрична енергија, нафтените компании, телекомуникациските фирми, а пред се банките? Банките, извршителите, нотарите, овие се вистинските сектори каде било какво ограничување ќе значи намалени трошоци на живот, повисок стандард, пониски цени и поголем остаток за сите.
На крајот имаме едно прашање, до господинот Мицкоски што ќе правите ако комората на малопродажните маркети одлучат во знак на револт една недела да ги бојкотираат граѓаните? Што тогаш ќе преземете? Дали насилно ќе им ги обивате маркетите?
ГРОМ предупредува дека еден бојкот раѓа друг бојкот, нов. Во исто време владата треба да одговори зошто ги зголемува буџетските расходи и зошто не намали од својот профит, односно од даночните зафаќања: ДДВ-то , персоналниот данок , данокот на добивка, туку напротив, малку му се, парите од македонските граѓани па позајмува и од Унгарија за да има што повеќе да троши, стоеше во соопштението на ГРОМ.
На социјалните мрежи нов повик за бојкот на дел од маркетите. Во петок на сите големи трговски ланци.
Во осумте поголеми синџири на маркети во петокот е забележан пад на прометот за 46,59%, но граѓаните двојно им го надополниле профитот во саботата. Според УЈП, трговците пријавиле за речиси 114 милиони 300 илјади денари повеќе остварен промет.