Јакимовски тврди дека вчера во Карпош малку фалело да се случи нов „27 април“: „Мицкоски му е батко на Дрин Ахмети“

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Првиот човек на општина Карпош, Стевче Јакимовски денеска во изјава за медиумите изјави дека вчера пред седницата на Советот на општината, се случил настан без преседан, односно како што рече, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски организираа протест против опозицијата за измислен проблем, наместо да организира протести пред Владата.

-Како јас наводно ќе направам улица со која што ќе го срушам зеленилото, шеталиштето и фонтаната што јас сум ги направил… Вистината е дека улиците се направени согласно ГУП и така ги преземаме. Лага е дека ќе има пет згради и сето тоа го направи Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно многу го пече прашањето за хидроцентралите. Само нека каже на колку години ја направил првата. Ако каже, ќе видите дека му е батко на Дрин Ахмети и дека не е многу постар од него, кажа Јакимовски пред објектот на општина Карпош.

Како што информира, тој ги повлекол од дневен ред точките за ДУП-от кај Козле бидејќи вработена во општината двапати била удрена.

-Сакав да го избегнам сценариото со „Шамарите во Центар“, меѓутоа тогаш тоа беше надвор од објектот, а вчера нивните членови и со заведени граѓани, беа внатре и можеше да настане нов хаос, кој што многу ќе не потсетеше на настаните од „27 април“. За да не дојде до евентуални физички пресметки, со истраги и притвори и да го заштитам дигнинетот на општината и советниците и граѓаните ги повлеков точките од дневен ред за да се смири ситуацијата, порача Јакимовски.

Градоначалникот исто така обелодени дека денеска имаат приемен ден со граѓаните, на кој ќе можат да им ги покажат плановите и да го видат ГУП-от.

-На постоечката сообраќајница, јас како градоначалник во минатиот мандат сум направил фонтана и шеталиште. Од задната страна, има некои столбчиња, никој не ги чепкал, ниту ќе ги чепка. Се испочитувавме. Сме направиле три анкети и на ниту една нема забелешка, двапати планот сме го презентирале пред советниците и немале никаква забелешка, истакна Јакимовски.

Слични содржини