Градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски денеска информира дека се уште не донел одлука дали ќе трча по нов мандат на локалните избори во октомври. Според него, амбциите на неговиот тим е да се завршат што повеќе проекти и да заокружат четиргодишен мандат кој што, како што вели, бил тежок. Посочи дека се соочил со големи проблеми и блокади.
-Мојата амбиција е Карпош да добие добар градоначалник кој што ќе се грижи за граѓаните. Се уште не сум одлучил дали ќе се кандидирам, кажа Јакимовски во вестите на Тв 24.
Запрашан за кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник во Карпош, лидерот на партијата ГРОМ порача дека секој човек има свој потенцијал.
-Во изборите граѓаните не можат да го утврдат потенцијалот на кандидатите – тој се гледа по изборите и многу често се случува по изборите да биде „оф, леле мајко“. За жал, мислам дека има кандидати кои се потпираат на гласовите на големите партии и немаат сериозни индивидуални квалитети, кажа Јакимовски, додавајќи дека имало размислување од членови и раководството на СДСМ за негова поддршка за нов мандат во општината.
-Постои расположение и денеска, но СДСМ одлучи да оди со свој кандидат и сметаат дека така е најдобро за развојот на Општинската организација на СДСМ. Секој одлучува со својата среќа, истакна Јакимовски.