Јакимовски за ЕМОФ: Во 2017 го организиравме Суперкупот на УЕФА – дури имаше и смена на власта, па не дозволивме да ја избрукаме државата како сега

од Nikola Popovski
70 прегледи

Градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски направи споредба меѓу делувањето на сегашната и поранешната влада за настаните од типот на Европските младински олимписки игри и Суперкупот на УЕФА во 2017 година. Јакимовски потсетува дека поранешната Влада, иако не беше официјален организатор, максимално застана зад овој настан, давајќи дури и писмени и финансиски гаранции на УЕФА дека ќе бидат исполнети сите високи стандарди на европската фудбалска федерација.

-Во тој период дури имаше и смена на власта, па сепак не дозволивме да ја избрукаме државата како сега, истакнува меѓу другото градоначалникот, барајќи од јавноста да направи разлика меѓу одговорна и неодговорна Влада.

Имаше големи поплаки за организацијата на ЕМОФ. Меѓу другите, претседателот на Италијанската теквондо федерација Анџело Чито жестоко ги критикуваше условите во кои се натпреваруваа учесниците, велејќи дека не очекувал такво нешто во 2025 година. И покрај тоа, италијанските теквондисти освоија три медали на натпреварите што се одржуваа на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

„Децата овојпат уште повеќе ја заслужуваат мојата пофалба, не само за постигнатите резултати, туку и за пожртвуваниот дух што го покажаа во едно сценарио во кое никогаш не би можел да ги замислам. Беа одлични, и покрај тоа што се натпреваруваа во услови за кои најмалку што можам да кажам е дека беа срамни од организациска гледна точка. Како може да се дозволи ова во денешно време ми е необјасниво“, изјави Чито за италијанската новинска агенција „АНСА“.

Како негативни примери тој истакна објекти во распаѓање, прекинати натпревари и едвај прифатливи хигиенски услови.

Слични содржини