Градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски денеска информира дека советниците на ГРОМ ќе продолжат со поддршката на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, кои упорно ја опструираат работата на општината.
-Ние секаде ќе ве поддржуваме, за разлика од вас кои што не опструирате во општина Карпош, и 2025-та година, граѓаните ќе можат да направат разлика, меѓу вас, кои сте поддржувани, и мене кој што во континуитет ме опструират, рече Јакимовски во видео-обраќање.
Тој му порача на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, „кој што вели, за бетонизација на Карпош, не може во мене да најде квалитетен соговорник, јас искрен да бидам, тој не е квалитетен соговорник за многу работи“.
-Во исто време сакам да му порачам на господинот Христијан Мицкоски дека будно ќе пратиме каде се и во кои општини ќе се носат урбанистички планови, за наводна бетонизација на општините, и сето тоа ќе го претставуваме пред граѓаните, со цел да се види неговата лицемерна и лажна политика, зад која што практично се крие, само опструкција и ништо повеќе во општина Карпош.
Во секој случај, уверен сум дека, граѓаните јасно ќе препознаат,кој е конструктивен и кој нуди решенија за нивните проблеми, а кој само кенка, како дете пред исфрлање на сипаници и се му смета, и е против се, а демек кога ќе дојде на власт, тој ќе ги решел сите проблеми. За жал, она како ги демонстрира, како ја води локалната самоуправа и градот Скопје, е вистински пример, за тоа каков хаос ќе направи ако, не дај Боже еден ден, го превземе водството во Р.Македонија, вели Јакимовски.