Јакимовски за новиот ДУП во Ѓорче: Предвидени три хемиски фабрики, Уставниот суд да го укине

од Nikola Popovski
235 прегледи

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски побара од претседателот на Советот, Бранко Ристов да свика итна седница на Советот  за да се донесе одлука за поведување на постапка пред Уставниот суд за укинување на новиот урбанистички план во Ѓорче Петров. Јакимовски на денешната прес конференција рече дека ДУП-от е донесен на криминален начин, а најлошо е тоа што во него се вцртани  три хемиски фабрики кои директно го загрозуваат животот на карпошани, особено на жителите на Влае.

-На криминален начин го донесоа ДУП-от кој се наоѓа во непосредна близина на населбата Влае, односно на границите со Општина Карпош, каде се предвидуваат 30-тина згради кои ќе бидат со по 20 ката, 17-ката, меѓутоа најголемиот проблем е тоа што се предвидени три големи хемиски фабрики и каде што според Урбанистичкиот план се наоѓа тешка и незагадувачка индустрија. Проблемот е што овие хемиски фабрики ќе ја загрозуваат Општина Карпош, но во исто време се во близина на бунарите Лепенец и Вардар од кое што над 30 % од потребите на Скопје во летните периоди се надоместува токму од ова бунарско подрачје и од каде што имаме исклучително квалитетна вода за пиење, рече Јакимовски на прес-конференција.

Тврди дека е разочаран што ниту иницијативата О2, ниту независните советници од Општина Карпош, ниту претставниците од Левица, ниту претставниците на ВМРО-ДМПНЕ, досега немаат никаква реакција во однос на Урбанистичкиот план кој што го загрозува животот на граѓаните на Општина Карпош, особено на жителите на Влае.

-Очигледно, јас како градоначалник морам да реагирам и да побарам итна и вонредна седница од претседателот на Советот, од господинот Бранко Ристов кој е член на Левица и кој јавно велеше дека му се може да не се градат и да не се реконструираат ниту куќи во Општина Карпош, а сега немаат ништо што да кажат, ниту било каква иницијатива ниту било каков збор, за овие облакодери кои ќе се градат во непосредна близина на Влае, како и на овие две фабрики кои би ја загрозувале директно нашата Општина. Барам од претседателот на Совет, да свика итна седница и да донесеме одлука со кој овој Урбанистички план за прв пат, ние како Општина, би побарале поништување на Уставниот суд, бидејќи планот, советниците таму немале доволно време да го видат, закажана е седницата на 16-ти, а донесен е на 17-ти. Градот Скопје не дал свое мислење кој е надлежен да даде свое мислење кога се работи за фабрики кои треба да се градат, а се во непосредна близина на бунарите Лепенец- Вардар, и што е најважно, граѓаните мора да знаат таму над 100.000 метри квадратни, над 10 хектари, ќе се купи земјиште по 70 денари по метар квадратен. Таа е уште една огромна далавера која што сака да се направи, а ќе се однесува на штета на граѓаните на Влае и на Општина Карпош, изјави Јакимовски.

Слични содржини