Јакимовски ѝ врати на Јаневска: Северџанката министерка ме учи мене како да ги менаџирам парите

од Nikola Popovski
78 прегледи

Не знам дали го чита законот или е доволно познато дека сите обврски за функционирање на училиштата се во надлежност на МОН. Тоа што Министерството не си предвидело доволно пари во Буџетот за училиштата во општина Карпош е одговорност на министерот за образование. Не знам зошто ја префрла топката кај локалната самоуправа, прозивајќи ме мене. Овде не е потребно снаоѓање, туку министерот да си ги обезбеди парите за децата за нормално греење, изјави првиот човек на општина Карпош, Стевче Јакимовски за спорот меѓу локалната самоуправа и МОН за надлежноста околу греењето во училиштата.

Јакимовски истакна дека „отсекогаш и од времето на Никола Груевски, постојано крателе кај општина Карпош, а постојано давале кај градоначалниците и општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ“.

Тој е дециден дека општината нема да го плати долгот од 8 милиони денари.

-Ако е моја обврска да го плаќаме парното, зошто тогаш МОН дава пари? Ако е нејзина обврска да се подмират трошоците за греење, зошто тогаш бара и ние општината да даваме пари? Зошто само општина Карпош? Овој дискриминаторски однос кон општината не се смирува, рече градоначалникот на прес-конференција.

-Замислете сега северџанката министерка ме учи мене како да ги менаџирам парите. Парите што ми дала сме ги префрлиле кај училиштата. Што да менаџирам? Се јавувам доброволно да одам на часови кај министерката да ми објасни како да ги менаџирам парите. Ама потрошиле училиштата 100 банки, а она дала 2 банки. Не се доволно тие средства. Цел живот кратат од општина Карпош и цел живот ги носам на грб, додаде Јакимовски, обраќајки ѝ се директно на министерката за образование, Весна Јаневска.

Министерката денеска информира дека МОН дава блок дотации до општините и дека тие се исплатени.

-Организацијата е на градоначалниците и училиштата за да спроведат се друго, а не само грејната сезона. Ова прашање не треба да се упати до МОН, вели Јаневска.

Таа тврди дека градоначалникот треба да се обрати на друго место.

-Очекувам сите училишта да имаат греење затоа што е невозможно да се учи без греење. Верувам дека градоначалникот е многу способен и ќе најде начин да ги затопли училиштата, рече министерката, додавајќи дека „не слушнала за ваков проблем во другите општини“.

Грејната сезона стартуваше денес. За осум училишта во Карпош, грејната сезона ќе почне подоцна за да се заштеди.

„На барање на Општина Карпош испораката на топлинска енергија нема да започне на 15-ти октомври, туку од 1-ви ноември за сите основни општински училишта на територија на општината што ги користат услугите на „ЕСМ Снабдување со топлина“, велат од ЕСМ.

Слични содржини