Германија, Полска и Украина не сакаат да го прифатат Јакив Палиј, еден од последните нацистички соработници и човек кој бил чувар во ужасниот логор во Полска во Втората светска војна во кој во еден ден се убиени 6.000 Евреи.

Пред 14 години Сојузниот суд во Њујорк на Палиј му го одзеде американското државјанство затоа што криел дека работел како чувар во логор и нареди да биде депортиран во Германија, Полска, Украина или во која и да е змеја што ќе го прими.
Меѓутоа, Washington Post истакнува дека Палиј никој не го сака, покрај барањата на еврејските организации и луѓето кои изгубиле семејства во нацистичките логори.
Палиј е на возраст од 94 години и убаво живее од американска пензија.
Во 2005 година, осум нацистички соработници на кои им е наредено да ја напуштат САД умреа во таа држава откако нивните матични земји и Германија одбија да ги примат.
Во септември членовите на њујоршката делегација во Конгресот упатија писмо до Рекс Тилерсон барајќи нешто да се преземе за Палиј да не умре во САД.
Низ годините, триесетина нацисти од САД заминаа во Германија. Некои имаа германско државјанство, а некои побегнаа пред да им биде одземено.
Меѓутоа повеќето останаа на слобода, а само четворица се правно процесуирани.
Германија одби да прими повеќе американски граѓани поранешни нацисти. Германските функционери на американските колеги им рекле дека ќе ги примат само поранешни нацисти кои немаат државјанство или оние кои Германија кривично ги гони.
Палиј не е Германец. Роден е во полско село што сега се наоѓа на територија на Украина.
Меѓутоа, адвокатот Нил Шер вели дека Германија треба да ги прими нацистите затоа што служеле на поранешните германски власти.
„Само еден збор ми паѓа на памет кога се бара објаснување зошто Германија не сака да ги преземе тие луѓе – дволичност. Пак измислуваат глупави работи зошто не ги примаат луѓето кои во име на германскиот народ вршеле злосторства“, вели Шер.