Брилијантниот млад фудбалски талент Ламине Јамал го продолжи својот договор со Барселона до 2031 година, објави денеска каталонскиот клуб. Иако Барселона не ги откри официјално финансиските детали од новиот договор, шпанските медиуми пренесуваат дека 17-годишниот Јамал ќе заработува дури 20 милиони евра по сезона, плус значителни бонуси. Ова претставува огромен скок во споредба со претходната плата од 1,6 милиони евра годишно.
Во договорот е вклучена и астрономска откупна клаузула од една милијарда евра – што претставува јасна порака дека клубот смета на него како дел од својата иднина.
„Продолжувањето на договорот со Ламине Јамал е уште еден доказ за стабилноста и визијата на сегашниот проект на Барса“, се наведува во соопштението на клубот.
Јамал е производ на познатата фудбалска академија „Ла Масија“, каде пристигна кога имаше само седум години. Свое деби за првиот тим имаше на 29 април 2023 година, кога беше само 15 години стар – што го направи еден од најмладите дебитанти во историјата на клубот.
Досега има одиграно 106 натпревари во дресот на Барса, при што постигна 25 голови и запиша 34 асистенции. Со тимот веќе има освоено две титули во шпанската лига, како и Купот на кралот и Суперкупот на Шпанија.