Јанакиески нема да биде префрлен во „Шутка“, Ристовски, Вељаноски и Атанасовски ќе бидат во домашен притвор

од Nikola Popovski
367 прегледи

Обвинетиот Миле Јанакиески во случајот „Организатори на 27 април“ ќе остане во куќен притвор до правосилното завршување на постапката и стапување на сила на пресудата. Истата одлука беше донесена и за Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски, соопшти денеска судијата во случајот Илија Трпков.

Поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски е осуден на затвор од 6 и пол години, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски добија затвор од 6 години и 3 месеци, а поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски доби затвор од 6 години.

Трпков, при изрекувањето на пресудите соопшти дека казните се намалени во законски дозволените граници поради коректно држење и соработка на обвинетите во постапката и поради законот за амнестија.

„Тоа не е демократија. Тоа не е патриотизам. Да се организира упад и да се тепаат парламентарци во законодавниот дом. Државата се брани со срце, ум, правилни стратегии и потези. Ако на секоја одлука со која не се сложуваме насилно се влагува во суд, собрание или друга институција тогаш држава нема да имаме“, кажа Трпков при образлоѓувањето на пресудата.

За настаните во Собранието беа обвинети 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок.

Петнаесет од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за „27 април” во текот на постапката ја негираа својата вина.

Слични содржини