Обвинетиот екс министер, Миле Јанакиески, на денешната седница во Апелациониот суд на кој се образложува жалбата по решението за одредување притвор, рече дека е фиктивна службената белешка на УБК, на која се базира решението.
Како што рече тој, при донесување на решението се прекршени три закони, постапено е спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права и членови на европската конвенција за човекови права.
Како што рече Јанакиески, решението за одредување мерка притвор го добил во раните утрински часови, односно во пет часот утрото на 14 ноември, без при тоа да даде изјава и да биде сослушан од Кривичниот совет.
Жалбата на Јанакиески се темели на тоа, како што тврди, дека службената белешка е фингирана и дека е подметната. Тој го замоли судот да го земе предвид и демантот од претседателот на Иванов каде тој ја негира содржината на службената белешка дека Јанакиески побарал амнестија од Иванов преку посредник.
Јанакиески рече дека ден претходно пред да биде приведен имал средба со претседателот и праша зошто би повикал посредник кога истиот ден се сретнал со претседателот. На прашање од судот во какво својство бил тој на средбата, Јанакиески рече дека презинтирал некаква иницијатива како загрижен граѓанин.
-Зошто би иницирал средба со претседателот преку посредник кога истиот ден сум се сретнал со него? Зошто воопшто посредник кога се познавам со претседателот десетина години? – праша Јанакиески. Тој негираше и дека има банкарски сметки во странство, што се тврди во службената белешка на УБК.
-Доколку постои една таква сметка, испратив и допис до СЈО, спремен сум уште утре да склучам спогодба на онолку години колку што ќе каже СЈО само ако докажат дека имам таква сметка. Немам сметка во странство, ниту сум можел да ја отворам без патна исправа – рече Јанакиески.
Тој посочи дека е жртва на околностите затоа што притвор му е одреден по бегството на Никола Груевски.
-Ги оспорувам тврдењто дека бегството на Груевски го засилува фактот дека можам да се дадам во бегство како негов поранешен соработник. Како што знаете јас го осудив неговото бегство во медиумите и реков дека сериозно може да тоа да им наштети на процесите каде и двајцата сме обвинети. Според европската конвенција однесувањето на сообвинител не може да биде фактор во проценка на ризик. Не треба да бидам казнет и жртвуван заради постапките на Груевски – рече Јанакиески и додаде дека во прилог на тоа дека немал намера да се даде во бегство, а дента пред да биде притворен имал закажано гостување во една телевизија.
При крајот на своето обраќање тој се обрати до обвинителите на СЈО, им рече дека белешката им е подметната и повика на нивната хуманост да го повлечат предлогот за протвор. Јанакиески заврши со зборовите дека е жртва на масовното прислушување и дека освен неговиот број бил прислушуван и бројот на неговата сопруга.