„Што има да правам калкулации? Делото за кое ме товарат е 10 години затвор. Веројатно ќе бидам осуден за некој од предметите против мене, 7 или 8 се на број“, изјави Миле Јанакиески во завршните зборови во судскиот случај за „Организаторите на 27 април“.
Според неговите зборови, голем дел од организаторите се веќе во затвор.
„Јас, за овој немил настан кој никогаш не смее да се повтори, пред Бога, пред себеси и пред семејството сум чист, ќе потенцирам, дека со ништо, ама со ништо немам придонесено да се случат немилите настани од 27 април“, рече Јанакиески.
Тој потсети дека истрагата по овој предмет била завршена без да му се овозможи правото на исказ, да поднесе докази, а и не му биле доставени сите докази кои Обвинителството ги прибрало во текот на истрагата.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.