Јанакиевски: „Екоклуб“ стана цел на политичка пресметка во пресрет на кампањата за парламентарните избори

од Берта Китинска
302 прегледи

Компанијата „Екоклуб“ стана цел на политичка пресметка во пресрет на кампањата за парламентарните избори. Досега ниту еден инспекциски надзор од ниту една државна институција не утврдила неправилности во најсовремената методологија за собирање, транспорт и третман на неопасен комунален и опасен – медицински отпад, која во компанијата се практикува секојдневно и е под 24-часовен задолжителен законски видеонадзор и мониторинг, вели Сашо Јанакиевски, косопственик на фирмата „Екоклуб“.

„Тешките обвинувања со кои се нарушува мојот, угледот на моето семејство и деловно се напаѓа и дисквалификува компанијата ‘Екоклуб’, се свесно и со умисла конструирани и немаат допирни точки со реалноста. „Екоклуб“ постои од 1990 година, деловно опстојува на комерцијалниот пазар и била предмет на најстроги контроли од сите надлежни институции и во периоди на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Досега ниту еден инспекциски надзор од ниту една државна институција не утврдила неправилности во најсовремената методологија за собирање, транспорт и третман на неопасен комунален и опасен – медицински отпад, која во компанијата се практикува секојдневно и е под 24-часовен задолжителен законски видеонадзор и мониторинг. Сметам дека во едно демократско општество компаниите не смеат да се делат партиски, особено затоа што учествувале и добиле јавни набавки во периоди на владеење на разни партии“, се наведува во писмената изјава на Јанакиевски.

Во неа тој вели дека под целосна морална, материјална и кривична одговорност тврди дека не е, ниту имал потреба ниту сакал да биде дел или близок на некоја политичка структура.

„Во изминатиот период за себе сум се изнаслушал многу невистини, од тоа дека сум бил логистика за бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски, до шпекулациите дека уживам заштита од претседателот на владата на Република Унгарија, Виктор Орбан. Сепак, овие тешки обвинувања дека за личен профит сум го ризикувал здравјето на граѓаните е застрашувачки и монструозен напад кон мене и моето семејство, но и за Република Северна Македонија, која е на прагот на НАТО и очекува датум за почеток на преговори со ЕУ. Недозволиво е на ваков начин, преку јавен линч и конструкции, да се демонстрира непочитување на правната сигурност и владеењето на правото“, вели Јанакиевски.

Тој додава дека за да нема дополнителни шпекулации дека наводно се затскрива или ја злоупотребува должноста почесен конзул на Република Унгарија во Република Северна Македонија, вчера ја известил амбасадата на Република Унгарија дека поднесува неотповиклива оставка од оваа должност.

„Ја користам пригодата да ги охрабрам сите надлежни институции до крај да ги расчистат сите околности во врска со обвинувањата на политичките партии. Сметам дека е многу важно јавноста да биде целосно запознаена како се направени фамозните снимки кои беа прикажувани и кој се е инволвиран во режијата“, вели Јанакиевски.

Тој наведува дека компанијата „Екоклуб“ од пред извесен период има доминантен странски инвеститор од Германија.

„Во моментот кога ќе добијам овластување/полномошно од стратешкиот инвеститор – мултинационалната компанија ‘Ремондис’ со седиште Лунен, Германија, јавноста ќе биде запознаена со сите факти, мотиви и причини за хајката што се води кон мене и „Екоклуб“. Затоа, им се извинувам на јавноста и медиумите што и покрај сите нивни напори да добијат мој став, не можев да одговорам поради објективните околности. Во меѓувреме, мојот правен тим ги презема сите неопходни правни чекори за да ги заштити интересите на компанијата. Нема да дозволиме со невистини и конструкции да бидеме предмет на престрелки на политичките партии, кои во недостиг на визија за реално справување со загадувањето на амбиенталниот воздух најлесно им е да си најдат надворешен виновник“, пишува во изјавата.

Слични содржини