Процедуралното не е за мене да ми земете реплика туку се однесува на претседателот на Собранието. Ова е деградација на пратеничка функција и друг пат барам да ги прекинете и уредно да си земат процедурално – му рече пратеникот на Левица, Сашко Јанчев на спикерот Африм Гаши по говорот на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Јанчев во своето излегување од собраниската говорница додаде:
-Прво, ќе се научите да купите нешто за поевтино, а не само да ја распродавате државата за поевтино, а потоа ќе правиме муабет.
За владејачката партија е спорно што имотот на Левица е купен токму од извршител и од банка поврзани и со продажбата на деловниот центар Соравиа. Прашуваат како го купиле за евтина цена.
-Како може за 720 евра за квадрат да се купи во Центар на четири катови? Тема што сакате да ја затворите. Тоа ве боли, таа тема ќе биде пред јавноста и ќе одговорите, рече Мицевски.
На тоа Јанчев му порача:
-Прво да си ја срушите дивоградбата и терасата на „Белата палата“, па потоа ќе правиме муабет за други.
Претходно, по барање на пратеничката група на Левица, денешното продолжение на 49. собраниска седница беше одложено за еден час. Јанчев побара пауза од еден час бидејќи, како што рече, сѐ уште не добиле одговор на доставеното барање на пратеничката Јована Мојсоска во јануари во кое се бараат исплатените патни трошоци и кирии за 2024 за сите пратеници.