Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, денеска најави повторно активирање на кавадаречкиот комбинат, поранешно „Фени“. Според него, компанијата „Golden Eagle“ во првата фаза ќе врати на работа 170 работници, по што следува втора фаза со вклучување на дополнителни 500 лица.
Градоначалникот подвлече дека во април бил планиран почетокот на производството на никел, при што производствените печки ќе биле ставени во функција.
„Добрата соработка помеѓу „Golden Eagle“, Општина Кавадарци, како и со Владата и премиерот Христијан Мицкоски, овозможија оваа фабрика повторно да биде активирана и ставена во функција за доброто на граѓаните и локалниот економски развој“, сподели Јанчев.
Турската групација „Јилдирим“ (Yildirim Group of Companies) во 2024 година се стекна со сопственост врз имотот на Еуроникел Кавадарци и најави дека фабриката ќе се рестартира под името „Голден игл никел“.
Некогашниот гигант од Кавадарци во последните години се соочуваше со проблеми, вработените протестираа, а компанијата која беше со странски газди, замина во стечај. Вработените редовно потсетуваа дека илјадници фамилии егзистираат од топилницата, имајќи ги во предвид и транспортните компании ангажирани за комбинатот.