СДСМ го критикува изборот на ВМРО-ДПМНЕ да „трча“ со градоначалникот на Кисела Вода на локалните избори во Градот Скопје. Според најголемата опозициска партија, кога Ѓорѓиевски стана градоначалник на Кисела Вода, жителите добија ветувања за паркови, градинки, катни гаражи и чисти улици. Оттаму велат дека денес, скоро четири години подоцна, општината е презадолжена, покриена со смет и задушена од бетон, а ветувањата останаа на хартија.
-За една година и три месеци, долгот на општината се зголеми за 40 милиони денари, достигнувајќи до 146 милиони денари. Од долговите не се видоа ниту нови улици, нови паркови или подобар живот.
Наместо тоа, од буџетски средства се исплаќаат пријатели, роднини и партиски активисти. Најмалку 100.000 евра од општинските пари завршија на сметки на блиски луѓе на Ѓорѓиевски. Со пари на граѓаните тој си ја купува довербата и поддршката, тера лажен ПР и промоции.
Со десетици „авторски“ договори со нему блиску партиски кадри и медиумски пропагандисти на ДПМНЕ, Ѓорѓиевски е пример како не треба да се работи, вели Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Според Јанчева, наместо да го среди хаосот, Ѓорѓиевски се вклучи во политички игри: организираше блокади на „Комунална хигиена“, за да ги задуши граѓаните во ѓубре, создаваше паралелни синдикати во ЈСП, ширеше паника за квалитетот на водата и постојано се препукуваше со Данела Арсовска.
-Најголемата негова „иницијатива“ беше да ја смени Арсовска од ЗЕЛС, а не да ја среди општината. Ѓорѓиевски е најдиректно одговорен за хаосот кој му се случуваше на Град Скопје. Тој стои зад сите блокади и партиски битки од кои четири години страдаат скопјани. Ѓорѓиевски ветуваше десетици проекти, но реализираше одвај 20% од нив. Ги изневери граѓаните на Кисела Вода, а сега им се нуди на скопјани со истата празна реторика и истите партиски шеми. Зад сликите и пресовите стои човек кој потроши 100.000 евра за да вдоми нему блиски луѓе, ги зголеми долгови за 40 милиони денари, остави смет, пропаднати улици и уништени зелени површини и ги претвори институциите во алатка за интриги и блокади.
Скопје не смее да стане поголема верзија на Кисела Вода. Главниот град не заслужува пион на Мицкоски, кој ќе ја користи градската каса како каса за партијата и ќе го потоне Град Скопје, потенцира советничката од СДСМ.