Политичките односи меѓу нашите две држави се одлични исто како што е и економската соработка. Односите меѓу двата народи се пријателски и секогаш постои партнерство, пријателство и симпатии бидејќи не врзуваат историски врски, изјави претседателот на хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ на прес-конференцијата со неговиот македонски колега, Африм Гаши.
Јандроковиќ посочи дека хрватското малцинство во Македонија е гордо што е овде и ја почитуваат оваа татковина, но и се горди на своите хрватски корени. Вели дека истото важи и за македонското малцинство во Хрватска.
-Нашите народи се мостот на пријателството, додаде хрватскиот спикер кој е во тридневна посета на земјава.
За европскиот пат на Македонија, Јандроковиќ вели дека „знае како се соочуваме со проблеми и како нашето членство во НАТО беше исполнето со пречки, но и дека се уште постојат пречки“.
-Ја имате нашата поддршка и понатаму да истраете во тој пат и да ги решите тие проблеми. Добро е да имаме сојузништво, не само во рамките на НАТО туку и во рамките на ЕУ, додаде Јандроковиќ.
Претставниците на Хрватите во земјава вчера му кажале на Јандроковиќ за предностите што ќе им ги донесе вклучувањето на хрватското национално малцинство во македонскиот Устав.