Претседателот на хрватскиот парламент, Гордан Јандроковиќ во четвртокот ја повика земјава да продолжи со реформите на патот кон членство во Европската унија „и покрај многу често неправедните пречки“.
„Сите добро знаеме дека глобалната ситуација не е позитивна и дека развојот на настаните е таков што не знаеме што ќе се случи во наредните денови, недели, месеци и години. Поради оваа причина, многу е важно да имаме пријатели и партнери. Тоа е во суштината на мојата посета овде“, рече Јандроковиќ на заедничката изјава за медиумите со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Претседателот на хрватскиот парламент во четвртокот ја повтори „силната поддршка“ на Хрватска за патот на Македонија кон членство во ЕУ. Повика да продолжиме со реформите.
„Без разлика на проблемите, тешкотиите, па дури и пречките кои многу често се неправедни, вреди да се инвестира во процесот на преговори и трансформација на општеството“, рече Јандроковиќ.
Македонскиот спикер истакна дека двете земји се „искрено заинтересирани за продлабочување и негување на односите“ и посочи дека „Хрватска била и останува силен и непоколеблив застапник на европската перспектива на нашата земја“. Додаде дека е „свесен за реформите што треба да се спроведат и за проблемите што треба да се решат“, но верува дека „со сојузници како Хрватска“, процесот на крајот ќе биде успешен.
Во четвртокот во Собранието се одржа и свечена седница на која говореше Јандроковиќ и меѓу другото го цитираше познатиот хрватски пејач, Дадо Топиќ.
„Додека Вардар гали полиња со жита, слободна и горда како горска птица, со песната своја, земјава ни ги маѓепса срцава“, ја цитираше Јандроковиќ песната „Македонија“. „Маѓепса, не само со нејзината песна, многумина и во Хрватска“, додаде тој.
„И тоа пријателство оди многу подалеку од 33-те години што поминаа од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите земји како независни и суверени држави“, рече Јандроковиќ.
Тој посочи дека има простор за зајакнување на соработката меѓу двете земји во повеќе сектори.
„Значаен број компании од Хрватска и Македонија се веќе присутни во двете земји, а хрватско-македонските бизнис клубови во Загреб и Скопје можат значително да помогнат во понатамошната диверзификација на економската соработка и нови инвестиции“, рече тој.
„Гледаме посебен потенцијал за натамошно зајакнување на соработката во транспортот, инфраструктурата, енергетиката, прехранбената индустрија, земјоделството, хемиската и одбранбената индустрија, како и во секторот за информатичка технологија и туризмот. Минатата година Хрватска ја посетија над 50.000 македонски туристи. И овие бројки постојано се зголемуваат“, кажа Јандроковиќ.
Како што објавија дел од хрватските медиуми, нивниот спикер е во тридневна официјална посета на Македонија, земја, како што велат, со која Хрватска нема отворени прашања, а трговската размена е во нагорна траекторија и во 2023 година изнесувала повеќе од 320 милиони евра.