Ризиците од ескалација на војната во Украина и непредвидливите движења на цените на енергенсите и суровините нема да ги намали платите или бројот на вработените во Макстил, уверува директорот Петар Јанески во интервју за „Локално“.
Ваквото тврдење тој го поткрепува со фактот дека економиите на земјите во кои ги извезуваат производите се сеуште во добра кондиција.
„Не очекуваме раскинување на договорите за продажба туку напротив очекувам стабилност во овој дел. Нашиот производ е основна суровина во многу индустриски гранки и не е можен раст на националните економии без да има раст во потрошувачката на челик“, вели Јанески.
Додека не се воспостават услови за повторна деловна соработка со компаниите од Русија и Украина, алернатива за домашната челична и металопреработувачка индустрија се земјите од далечниот исток и Јужна Америка.
„Во моментов сите производи во овој сегмент се под огромен инфлаторен притисок поради нерамнотежата на понудата и огромната побарувачка и дополнително се оптоварени со до сега невидените трошоци за бродски транспорт до европските пристаништа“, објаснува Јанески и додава дека компаниите кои во континуитет инвестираат во опрема и ефикасно искорисување на ограничените ресурси мора да бидат во центарот на економската политика на Владата без разлика дали е пандемија или војна во Украина.
„Макстил“ успеа да ги надмине тешкотиите за време на корона кризата, па дури и неколку пати да го зголеми својот профит но се чини дека војната во Украина сепак е многу поголем предизвик и за компанијата и за металската индустрија. Пред неполн месец алармиравте за штетите со кои ќе се соочи економијата и за жал лошите сценарија се остварија. Што покажуваат вашите последни анализи, како се одразува кризата врз вашето работење?
-Изминатиот период успеавме да ги подобриме перформансите на компанијата благодарение на големите инвестиции кои се реализираа во изминатите 4 години во делот на зголемување на ефикасноста и продуктивноста на постројките во фабриката, континуираните инвестиции за подобрување на работните услови и зголемувањето на безбедноста на нашите вработени како и благодарение на огромната поддршка од мнозинскиот сопственик на компанијата – Дуферко од Швајцарија. Вкупните инвестиции во изминатите 4 години се 17 милиони евра а само за 2022 година одобрени се нови 6,7 милиони евра, додека на среден рок планираните инвестиции се во износ од речиси 20 милиони евра.
Кризата во Украина има директно влијание врз неколкукратното зголемување на цените на енергенсите кои во просек се 400% повисоки во споредба со просекот од минатата година, потоа цените на феролегурите се покачија за 200% во однос на 2021 година, цените на транспортот флуктуираат во нагорна линија два пати во текот на еден месец и да не набројувам понатаму бидејќи листата е многу долга. Сепак мора да напоменам дека поради недостигот на понуда во овој момент и цените на готовите челични производи на пазарите се покачија но очекувањата се дека истите ќе се вратат во некои нормални рамки кога понудата и побарувачката ќе се изедначат.
Колку „тежи“ трговијата во делот на металската индустрија на Македонија со Русија Украина и во која насока таа досега се одвиваше? Дали се можни алтернативни пазари и каде треба да се бараат?
-Голем дел од домашните компании во челичната и металопреработувачката индустрија обезбедуваа суровини и полуфабрикати од двете земји. Во зависност од пазарните услови во минатото може да се каже дека тие две земји беа доминантен снабдувач за нашата економија. Денес за жал можеме само да предвидиме дека ќе помине долг период да не кажам години додека да се обезбедат повторно услови за соработка со компаниите од двете земји. Алтернативата за овие два гиганти во светот на челикот е во земјите од далечниот исток и можеби во одредена мерка во Јужна Америка. Во моментов сите производи во овој сегмент се под огромен инфлаторен притисок поради нерамнотежата на понудата и огромната побарувачка и дополнително се оптоварени со до сега невидените трошоци за бродски транспорт до европските пристаништа.
Какви ќе бидат последиците во случај на пролонгирање на војната во Украина? Може ли по примерот на автомобилската индустрија да дојде до раскинување на договорите, до редуцирање на смените и на вработените, до намалување на платите па дури и до запирање и значителни загуби во производството?
-„Макстил“ ги пласира своите производи во земјите од ЕУ, Турција и соседните земји. Тие економии генерално се во добра кондиција и нашите крајни купувачи до сега повеќе или помалку успешно се справуваат со ударот од војната во Украина. Нивните планови за оваа година се амбициозни и сите најави што ги имаа во периодот пред истекот на 2021 година бележеа раст во потрошувачката на челични лимови. Не очекуваме раскинување на договорите за продажба туку напротив очекувам стабилност во овој дел. Нашиот производ е основна суровина во многу индустриски гранки и не е можен раст на националните економии без да има раст во потрошувачката на челик. Сепак ризиците од понатамошна ескалација на војната како и непредвидливите движења на цените на енергенсите и основните суровини во овој момент се огромни и на нив за жал не можеме да влијаеме, но во овој момент не планираме намалување на платите ниту на бројот на нашите вработени.
Во изминатиот период компанијата неколку пати посочи дека зголемените цени на гасот и на електричната енергија го нарушуваат натамошниот континуитет во производството на компанијата. Во ситуација на влошување на пазарните услови, какви се вашите резервни опции?
-Како што кажав и погоре во овој момент немаме алтернатива и можност за супституција. Цените се такви какви што се и денес ги плаќаме сите гревови на државата што не обезбеди енергетска независност за индустријата и домаќинствата. Имаме снабдување со природен гас кој доаѓа само од едно географско подрачје и имаме огромен увоз на електрична енергија поради недоволното домашно производство. Тука експертите во ова поле ќе кажат дека е потребен долг период за да се подигне домашното производство на електрична енергија, но еве јавно ќе прашам нели 31 година во независна Македонија не е доволно долг период? Дополнително нашите согледувања се дека регулативата за вклучување на нови мали или големи производители на електрична енергија од обновливи извори е целосно хармонизирана со европската легислатива и пазарните движења во овој момент.
Освен надворешните влијанија, индустријата со децении страда и од проблемите кои не се решаваат дома. Пругата кон Бугарија ја нема на терен што за вашата индустрија значи поскап транспорт, пролонгирање на рокови за набавка на суровини, а дополнително на тоа се и протестите и штрајковите на вработените во железничкиот сообраќај. Ако сето ова се сумира, барате ли/добивате ли некаков вид помош од државата?
-За пругата кон Бугарија не треба веќе да се трошат зборови бидејќи до сега се изнаслушавме и изнагледавме се само не видовме реализација, а се потрошија огромни ресурси. Значењето на овој железнички коридор се мери во десетици милиони евра годишно изгубени приходи за домашните железници односно пари кои што завршуваат во буџетите на Србија и Бугарија. Македонски железници транспорт и инфраструктура со многу ограничени ресурси сепак успеваат максимално да обезбедуваат континуитет во давањето на нивните услуги кон Макстил, но сепак честите штрајкови поради неисплатени плати го прекинуваат тој континуитет. Доколку државата инвестира во опрема и механизација и го оптимизира бројот на вработени во товарниот транспорт верувам дека квалитетот на услугата ќе порасне а прекините во сообраќајот ќе станат минато.
Мора да забележам дека главно фокусот на државната поддршка во овој момент е насочен кон основните продукти од потрошувачката кошничка и нафтените деривати што и не е погрешно, но големите компании секогаш се последни на листата на приоритети кај политичарите за поддршка а први се кога нешто треба да се бара од нив. Од државата бараме хармонизиран и еднаков пристап кон сите индустриски гранки каде што на краток рок може да интервенира и да се откаже од некои приходи како на пример за пренос и дистрибуција на енергенсите низ државните компании кои ќе доведат до намалување на финалните цени на истите а со тоа ќе се намалат и трошоците за производство кои пак на долг рок сигурно ќе доведат до повисоки приливи назад во буџетот. Компаниите што во континуитет инвестираат во опрема, во поефикасно искористување на ограничените ресурси како и во благосостојбата на своите вработени мора да бидат во центарот на економската политика на владата во секое време без разлика дали сме на удар од пандемијата или од војната во Украина.
К.В.С.