Прилепски водовод има стабилна финансиска ситуација, но поради ненаплатени обврски од претходно раководство, од фирми и поединци, јавното претпријатие е оштетено за околу 100.000 евра.

Водоснабдувањето е стабилно, а цената на водата ќе остане непроменета оваа година, изјави Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и канализација“ на денешната прес- конференција.
Според Јанески, меѓу должниците се институции и фирми, а претходното раководство не се обидувало да ги наплати или да преземе мерки.
– Меѓу водечките фирми и институции, должници, се прилепскиот Казнено-поправен дом (затворот) со долг од околу 1,9 милиони денари, за неплатени сметки до ноември минатата година, наменската фабрика Еурокомпозит“должи 1,6 милиони денари. Но и локалната смаоуправа, предводена од претходниот градоначалник Мрјан Ристески е меѓу должниците со еден милион денари неплатени сметки. Последната сума што ја платила претходната локална власт е заклучно со минатиот јануари. Оттука се отвараат многу прашања: Зошто биле толерирани многу физички, правни лица, па дури и општината. Пропуштен е законскиот рок и за нивна судска наплата. Вкупните побарувања од физички лица, заклучно со 14 ноември 2017 изнесуваат речиси 13,2 милиони денари. Веднаш по моето именување склучени се околу 300 договори за итна наплата на стари побарувања, а во исто време се покренати уште 700 тужби против граѓани-должници, рече Јанески.
Нагласи дека наскоро ќе решат какви мерки ќе се преземат за наплата на побарувањата.
Според Јанески, моменталната наплата во градот е добра, со 97 проценти, а претпријатието не е во финансиски тешкотии. Нема проблеми ниту во водоснабдувањето, а цената на водата годинава нема да се промени.
– Претпријатието нема финансиски проблеми, а не се очекуваат ниту проблеми во водоснабдувањето и во наредниот период. Од ЈП „Студенчица“ доаѓаат доволни количества вода за пиење. Што се однесува до цената на водата, иако регулаторната комисија препорача да се зголеми, таа ќе остане иста до крајот на годинава и е нешто повеќе од 26 денари, рече Јанески.