Министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со сите околу него од медицината – лекарите, специјалистите, здравствените работници, техничкиот и помошниот персонал – јавно ги пофалувам, им аплаудирам и им изразувам благодарност за вложеноста во периодов, како и за посветеното работење на своите професионални обврски, во земја каде што народот нема ни трошка доверба во системот, пишува новинарот Огнен Јанески на својот Фејсбук профил.
„Не го фалам министерот затоа што е политичар, туку затоа што навистина организациски покажа дека досега одлично се носи со ситуацијата, а дополнително што не покажува нервоза, анксиозност или вознемиреност за време на комуникацијата со народот. Овој народ има потреба од смиреност во вакви моменти, за да не се крева паника.
Паниката на ниту едно општество не му е од полза. И токму смиреноста ќе нè донесе полесно до целта – справување со ситуацијата.
Ја следам состојбата новинарски уште од периодот кога беше појавата само во Кина, во дополнителна комуникација со лекари кои уште тогаш пишуваа за ова. Уште во тој период, нашето министерство почна да ја следи исто така и соодветно реагираше, според искуствата на човештвото. Ние бевме првата земја во регионов, а и пошироко со случај на „коронавирусот“ и за разлика од другите околу нас, постепено реагираме и се носиме со тоа. Размислете дека дел од нештата не се во наша контрола. Во ничија впрочем.
Светот е глобално село, една и единствена заедница, за која пишував синоќа. Во такви ситуации, треба само да бидеме дел од целото кое смирува и да се почитува тоа што тие кои се занимаваат специјалистички со ситуацијата го препорачуваат.
Кога се слушате со пријателите и роднините кои се лекари, прашајте ги како се, не им се јавувајте само да им кукате. Тие се први на удар на борбената линија, како што се војниците во војните за одбрана. Нашата војска за одбрана сега е медицинската фела – лекарите. Да им помогнеме, со тоа што ќе ги слушаме нивните препораки и совети. Со паника и со кукање кон нив, никако не си помагаме ниту себеси, ниту ним, ниту на целата заедница. Бодрете ги. Иако не ви покажуваат, но, тоа им е потребно за да опстојат уште повеќе. Тие не се богови, не ги воспевајте. Тие се луѓе на кои им треба поддршка во вакви моменти.
Апел до политичките партии, да се воздржат од партиски препукувања во ситуацијата со „короната“. Апел до опозицијата да соработува со власта. После тоа, вадете си ги очите. Сега имаме најмалку потреба да се бара смена на врвот на здравството и наново некој да презема и да учи.
Апел до власта да не ги подбуцнува опозиционерите, туку да соработува со нив.
Апел до медиумите, да си ги приберат сензационалистичките новинари и популистите и да се воздржат од ужасни наслови со „скандалозно“, „шокантно“, „нема да ви се верува“, „дали?“, „замислете!“. Тоа не носи добро никому, исто како што не носат добро објавите на информации и вести од на тетката стрина ѝ братучедата која имала искуство во некое село со „короната“ на кокошките. Нам ни е работа да смируваме и соработуваме во вакви ситуации со здравствените власти, а не да им ја отежнуваме работата“, пишува Јанески.