„Изразувам најдлабоко сочувство до роднините на загинатите во несреќата на автопатот Струма. Ова е огромна и неопислива трагедија која не потресе“, сподели премиерот на Бугарија, Стефан Јанев на својот Фејсбук профил.
„Бугарската држава реагираше во најбрз можен рок и ги презеде сите неопходни дејствија за да се истражи оваа страшна сообраќајна несреќа, во која загинаа 45 лица. Истовремено се води неопходна грижа за преживеаните.
Дејствијата во моментов се во рацете на истражните органи. Кога е потребно, ќе може да се коментира за веројатната причина што доведе до толку многу жртви. Оставете ги истражителите да си ја завршат работата.
Мобилизирани се државните органи, МВР презеде мерки за организирање на сообраќајот на автопатот Струма. Последователно, мора внимателно да ги извлечеме вистинските лекции од овој трагичен инцидент за да спречиме такви трагедии во иднина.
Во моментов единствена јасна информација е дека автобусот со жртвите и повредените е регистриран на Република Северна Македонија. Во таа насока, во раните утрински часови разговаравме со премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев.
Како Влада ќе ги преземеме сите неопходни активности за справување со трагедијата“, додава тој.