Специјалната обвинителка Катица Јанева денеска пред Советот на јавните обвинители даде изјава во врска со отстранувањето на двете обвинителки од тимот. Таа додаде дека останува на Советот да донесе одлука по тоа прашање.
– Пред членовите на Комисијата на Советот за јавни обвинители кажав како сум постапила во врска со тоа, рече Јанева и додаде дека Советот врз основа на нејзината изјава и на изјавите на двете обвинителки ќе донесе одлука.
Претседателот на Комисијата Сашо Василевски потврди дека се земени изјави од обвинителките Лејла Кадриу и Марија Ѓоревска, како и од специјалната обвинителка Катица Јанева. Тој додаде дека изјавите ќе ги приложат на Советот на јавни обвинители кој на првата наредна седница треба да донесе одлука.
Јанева минатата недела ги отстрани двете обвинителки од својот тим со образложение дека е намален обемот на работа во СЈО
Јанева информираше дека во Специјалното обвинителство активно се работи на случајот Мартин Нешковски.
Специјалното јавно обвинителство презеде 36 предмети, меѓу кои и предметот за убиството на младиот Мартин Нешковски.
Братот на Нешковски пред неколку месеци побара оваа институција да го расчисти случајот, бидејќи семејството е незадоволно и не верува од судската завршница која предметот ја доби.
