Јанева пак ќе конкурира за челната позиција на СЈО

од desk2
114 прегледи

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, повторно ќе конкурира за истата позиција доколку се изгласа новиот закон за јавно обвинителство, односно на конкурсот за избор на специјален јавен обвинител, вели таа во интервју за „Независен весник“.

Фото: Борис Грдановски – Независен весник

„На тоа имаат право сите обвинители што ги исполнуваат условите предвидени со предлог-законот. Сметам дека ги исполнувам условите и ќе поднесам документи. Нема да се откажам. Секако, јас не можам да влијаам врз изборот, тоа е работа на Советот на јавни обвинители“, вели Јанева во интервјуто.

Таа на прашањето дали би прифатиле повлекување на обвинението за дел од обвинетите за да се изгласа законот, ако се има предвид дека дел од актуелните пратеници се обвинети во Ваши случаи, а од друга страна се очекува нивната поддршка за законот, вели дека се надева оти нема да дојде до тоа кој било правен механизам да биде употребен за некоја истрага да биде запрена на одреден начин, а да има докази за обвинение.
„Инаку, нормално, ако за некое лице нема прибрано докази или разговори, тогаш и ние лично би ја запреле постапката“, додава Јанева.

За обвиненијата од опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека нејзиниот син е дел од менаџментот на една телевизија и дека тој ја користи позицијата во комуникација со свои потенцијални спонзори, таа вели дека нема судир на интереси во тој дел, „меѓу работното место на мојот син, кој работи како правник и под директива на своите претпоставени и мене, бидејќи сметам дека крајно професионално ја вршам мојата работа“.

„Јас не живеам со мојот син и не сум запознаена со неговата работа. Дури и не можам да кажам дали тој е во контакт со некои спонзори, како што тврди Мицкоски. Не знам ни дали тоа е опис на неговите работни задачи“, додава Јанева.

За дел од предметите за кои беа покренати обвиненија во законскиот рок сè уште не се стигнати до пресуда, па Јанева вели дека предметите во судовите одат бавно.

„Ние многупати сме рекле дека не сме задоволни од текот на предметите. Одложувањата во најголем дел не се по вина на обвинителството, понекогаш не се ниту по вина на судот, бидејќи некои предмети се совпаѓаат во термините кога се судат. Во суштина, мислам дека еден дел од предметите, како што се „Насилство во Општина Центар“, „Триста“, „ТНТ“, до летните одмори ќе бидат завршени, ќе бидат донесени првостепени пресуди. Мислам дека тоа ќе биде голем успех како на обвинителството, така и на судството. Во овој период веќе се интензивирани судењата. Судиите ги насочуваат почесто предметите и задоволни сме од динамиката. Се надевам дека побргу ќе завршат и ќе имаме конечни пресуди по сите предмети. Има предмети каде што обемот на докази е голем и од тоа зависи и времетраењето на самата главна расправа“, додава јавена во интервјуто за „Независен весник“.