Министерката за образование, Весна Јаневска жали што има полемики околу предлог-измените на Законот за средно образование. Според неа, во моментов ништо друго не се дискутира, освен химната, што, вели дека не е предмет за дискусија.
-Оттука можам да кажам дека е комплимент за Министерството што не е најдена друга маана, но, мислам дека е крајно неразумно да се запре законот кој не е менуван повеќе од 20 години и да не можат да се имплементираат новините кои државата ги очекува. Денес е законот на дневен ред на собраниска седница. Се надевам дека пратениците на ДУИ ќе најдат сили и да ја надминат за нив, политичката вредност кој не е вредност и ќе соберат да го изгласаат законот по второто читање, кажа министерката запрашана дали очекува дополнително да се пролонгира законот за средно образование, со оглед на најавените амандмани од ДУИ.
На почетокот и на крајот од учебната година, при завршувањето на средното образование, при одбележување на патронатот, како и при други прослави, треба да се интонира државната химна. Ова го предвидува новиот Закон за средно образование. ДУИ смета дека е тоа неприфатливо и децата ќе го отфрлат бидејќи химната не го одразува идентитетот на Албанците.