Јаневска: МОН ги исплати блок дотациите, верувам Јакимовски ќе најде начин да ги затопли училиштата

од Nikola Popovski
157 прегледи

Министерството за образование и наука дава блок дотации до општините и ние ги исплативме и нема што дополнително да даваме. Организацијата е на градоначалниците и училиштата за да спроведат се друго, а не само грејната сезона. Ова прашање не треба да се упати до МОН, вели министерката Весна Јаневска по обвинувањата на градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски дека ресорното министерство не го исплатило долгот за грееење во осум училишта на територија на Карпош.

Јаневска тврди дека градоначалникот треба да се обрати на друго место.

-Очекувам сите училишта да имаат греење затоа што е невозможно да се учи без греење. Верувам дека градоначалникот е многу способен и ќе најде начин да ги затопли училиштата, рече министерката, додавајќи дека „не слушнала за ваков проблем во другите општини“.

Јакимовски вчера ја повика Владата да го плати заостанатиот долг за греење на основните училишта во Карпош. Како што информира на прес-конференција, долгот изнесува над 8 милиони денари.

-Лани ова време, општината издвои 6 милиони денари и исто вака покри трошоци за греење. За само една година, гледате колку помалку има платено Министерството за образование на училиштата за нивно функционирање. Јас се обратив до нив, а тие ми рекоа дека немаат денар пари – како знам да се снајдам…Мене не ми е јасно, како имаат пари за мајка Тереза 36 милиони евра, а немаат за да си ги платат основните трошоци? Навистина е чудно. Им порачувам на Владата и премиерот да го напуштат популизмот бидејќи се нафатиле да водат држава. Да се тргнат од голиот популизам во кој што ќе ги обезбедат големите 5% за покачување на плати, а тоа го обезбедија преку недозволување за вработување на ниту едно ново во делот на образованието. Со тие средства, ги покачуваат платите и се спремаат за локални избори, кажа градоначалникот, додавајќи дека „локалната самоуправа не е должна да го прави ова“.

Грејната сезона стартува денес. За осумте училишта во Карпош, грејната сезона ќе почне подоцна за да се заштеди.

„На барање на Општина Карпош испораката на топлинска енергија нема да започне на 15-ти октомври, туку од 1-ви ноември за сите основни општински училишта на територија на општината што ги користат услугите на „ЕСМ Снабдување со топлина“, велат од ЕСМ.

Слични содржини