Јаневска најави „училишна кошничка“ од 1. септември со 10% поевтини цени

од Nikola Popovski
21 прегледи

Министерката Весна Јаневска вчера најави дека Владата донела одлука цените на училишниот прибор да останат на нивото од 1 јуни годинава, со што се обезбедува поевтина „училишна кошничка“ за сите семејства. Во гостувањето во емисијата „Вести плус“, Јаневска истакна дека оваа мерка ќе овозможи заштеда од околу 10 проценти на актуелните цени за ранци, боички, фломастери, тетратки и друг потребен прибор.

„На 1 септември ќе биде цената што била на 1 јуни. Тоа сигурно е 10 проценти помалку од денешните цени“, кажа министерката, додавајќи дека мерката го опфаќа целиот училиштен прибор.

Околу прашањето за учебникот по историја и тоа дали ќе бидат земени предвид препораките од Историската комисија, таа одговори дека, како што рече „ќе бидат спомнати сите значајни историски личности кои што треба да бидат спомнати“.

– Оваа година ќе има посебен предмет историја, секако и предмет географија, и ќе има учебници и по овие предмети. Тие се исклучително значајни, тоа се национални предмети кои децата секако треба да ги изучуваат. И мешаните комисии не дале сѐ уште официјален предлог барем до Министерството таков предлог не е стигнат. Оттука, ние и немаме обврска тоа што се зборува во јавноста да го примениме како такво затоа што немаме официјален допис. Секако, ќе бидат спомнати сите значајни историски личности кои што треба да бидат спомнати во различни одделенија, по различни теми и поглавја, така како што нашите автори сметаат дека тоа треба да се направи, потенцира Јаневска.

На прашањето за оштетените учебници од минатата година, Јаневска појасни дека училиштата треба да ги пријават до Министерството, кое потоа ќе испорача нови примероци. Таа апелира училиштата да ги пријавуваат сите оштетени учебници, истакнувајќи дека законот предвидува родителот да плати 70 отсто од вредноста на оштетениот учебник.

Инаку, минатата година, на почетокот на учебната година, Владата ги ограничи маржите на училишниот прибор. Со замрзнати маржи од 5 отсто во големопродажба и 10 отсто во малопродажба се продаваа тетратки, ранци, боици, пластелин, фломастери, маркери, мрсни, акрилни и водени бои, четки, линеари и дидактички материјали, острилки, гуми за бришење, ножици, футроли, шестари, дигитрони, компаси, табли, креди…