Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на Самитот „Македонија 2025“ истакна дека образовниот систем создава кадар според потребите на стопанството, но најголем предизвик е демографската криза – за седум години има 17.000 ученици и 7.000 студенти помалку.
Таа нагласи дека Владата презема мерки за спречување на иселувањето и стимулирање на наталитетот, додека во образованието се работи на три клучни сегменти: подобри наставни програми и учебници, поквалитетен и подобро платен наставен кадар, и подобра инфраструктура.
Јаневска подвлече дека преку дуалното образование, над 550 компании веќе соработуваат со училиштата, но соработката со високото образование сè уште е слаба. Потврди дека платите на наставниците и универзитетскиот кадар се зголемуваат, а активно се инвестира во нови училишта, спортски сали и студентски домови.
Во однос на квалитетот на високото образование, министерката објави дека се затворени 13 приватни научни институти, а уште 13 се под мониторинг. Причината – несоодветно работење и издавање нерегуларни дипломи, за што, како што рече, треба да одговараат и институциите и оние што ги добиле таквите дипломи. Затворени се и неколку студиски програми, меѓу кои и медицински.
Таа најави и законски измени за зајакнување на контролата и квалитетот во високото образование.